Деновиве, кога бројот на туристи постојано се зголемува, може да се забележи и поголемо присуство на полициски службеници низ охридските улици.
Како што информираат од СВР- Охрид тое е една од превентивните мерки за подобрување на безбедносната состојба во градот.
– Самото присуство на униформирани и на цивилни полициски службеници од Охрид, но и од другите градови, укажува дека ние како полиција сме одлучни значително да се подобри безбедносната состојба во Охрид, особено да се елиминираат оние негативни појави кои беа присутни изминатите туристички сезони, вели портпаролот на СВР- Охрид, Стефан Димоски.
Тој нагласува дека превентивно полицијата во поголем број е присутна на плажите , како и околу угостителските објекти кои во изминатиот период биле негативен пример за нарушувањето на јавниот ред и мир и други казнени дела.

– Овој пат сме многу поприсутни пред овие објекти, а целта е да се елиминираат негативните безбедносни појави и да се предизвика зголемено чувство на безбедност и сигурност кај граѓаните и туристите, потенцира Димоски .
Тој додава дека согласно договорот на оддржаниот состанок на советот за превенција, сите субјекти поврзани во делот на безбедноста делуваат синхронизирано и во таа насока полицијата, при секое затекнување на лица кои вршат било каков облик на кривично дело, има обврска и надлежност самоиницијативно да преземе активности, но и да повика одредени лица- претставници од инспекциските служби.












