Првото делумно затемнување на Сонцето во оваа година ќе се случи уште утре и ќе биде видливо од континентите Европа, Африка и Азија, соопшти Планетариумот при Младинскиот културен центар, пренесува „Макфакс“.

На територијата на Македонија затемнувањето ќе започне точно во 08:00 часот, а најголемото затемнување ќе се случи во 09 часот и 24 минути кога за набљудувачите на појавата 73,2 отсто од сончевиот диск ќе биде затемнет, се вели во соопштението.

Потоа, затемнетоста постепено ќе се намалува и целосното појавување ќе заврши во 10 часот и 57 минути.

Делумното затемнување ќе започне во 07 часот и 40 минути кога сенката од Месечината ќе ја допре површината на Земјата на територијата на северен Алжир, а потоа, патувајќи кон исток затемнувањето ќе биде видливо во земјите од Европа и Азија.

Најголемото затемнување на Сонцето ќе се случи во 09 часот и 50 минути, кога 85,8 отсто од сончевиот диск ќе биде затемнет од ликот на Месечината, а ќе може да се забележи од територијата на северна Шведска.

Според астрономите, годинава жителите на Земјата ќе бидат сведоци на шест затемнувања, четири делумни на Сонцето и две целосни  на Месечина – ќе бидат.

OhridNews
извор: „Макфакс“