Во текот на големата акција која во вторникот ја спроведе МВР заедно со Управата за јавни приходи, Пазарната инспекција и инспекторатите од областа на шумарството, на територијата на Охрид биле затворени две складишта за продажба на огревно дрво.

Во акцијата која координирано се одвивала на целата територија на Република Македонија, од охридските складишта биле запленети 64 метри кубни огревно дрво како и едно товарно и едно патничко моторно возило.

Од МВР информираа дека согласно планираните мерки и активности во Охрид биле контролирани вкупно 8 објекти каде  што се врши продажба на огревно дрво, а за време на контролите од страна на УЈП согласно Законот за готовинско плаќање, прекршок е констатиран во еден од нив, при што било донесено решение за затворање и била изречена глоба од 3.250 евра.

Во рамки на контролата Државниот пазарен инспекторат на подрачјето на Охрид констатирал вкупно 5 прекршоци од Законот за трговија и Законот за метрологија, при што биле изречени и глоби.

Инаку на ниво на цела Македонија, полицијата и инспекторатите завчера направиле контрола на 230 складишта за дрва при што изрекле прекршоци во вкупна глоба од околу 400 илјади евра и заплениле над 503 илјади метри кубни дрва.

Во контролите, како што соопшти МВР, биле вклучени вкупно 827 полициски службеници од кои 506 униформирани полициски службеници, 251 припадници на крим-полицијата и 70 припадници од Посебните единици на полиција. Исто така во активностите биле вклучени и 110 инспектори од Управата за јавни приходи, 78 инспектори од Државниот пазарен инспекторат, 25 припадници на Државниот инспекторат за шумарство и ловство, а по потреба се вклучуваа и припадници од Трудова инспекција и Шумската полиција.

OhridNews