Еден хрватски навивач поради фрлање факели на теренот, бил уапсен по натпреварот кој во Познањ го одиграа Италија и Хрватска. Доколку биде осуден тој може да добие петгодишна затворска казна.

Навивачот бил меѓу групата која фрлала факели на теренот, полицијата го следела и го уапсила додека го напуштал стадионот.

Хрватските навивачи во текот на целиот натпревар палеле факели на трибините, а во 72-та минута неколку факели завршија на теренот, во близина на италијанскиот гол, поради што судијата Хауард Веб на неколку моменти го прекина натпреварот.

Навивачот, кој е на 24-годишна возраст, според полската полиција бил во таа група на навивачи.

„Навивачот е уапсен додека го напуштал стадионот. За попречување на натпревар е предвидена затворска казна во време траење од пет години“, рече Анджеј Боровиак, портпарол на полицијата, пренесуваат полските медиуми.

Ова е втор инцидент на хрватските навивачи на Еуро 2012, по што се очекува УЕФА, која не простува вакви инциденти, драстично да го казни Хрватскиот фудбалски сојуз.

Портпаролот на полицијата рече дека освен фрлањето факели, во четвртокот немало никакви други инциденти.

Тој дополни дека полицијата во Познањ од почетокот на Европското првенство уапсила 57 навивачи.