НУ Завод и Музеј – Охрид изминатата 2013 година успешно ја реализира програмата за работа, реализирајќи голем број на проекти кои се од особен интерес за градот Охрид и Република Македонија, информираат од установата.
Како најзначајни, директорката Тања Паскали- Бунташеска ги наведува проектите за изведба на покривни конструкции над двете летни сцени – Антички театар и Долни Сарај каде што во летниот период се изведуваат претстави од фестивалот Охридско Лето.
– По добивањето на потребните конзерваторски одобренија, истите се во фаза на реализација и целосно ќе бидат реализирани до месец мај 2014 година.- вели Бунташеска.
Како успешно реализиран проект, Бунташеска ја наведува и санацијата на фасадата на приватната куќа на фамилијата Митрески изградена во 1912 година, како и обновувањето на куќата на Ајри Доко.
Меѓу позначајните проекти се и градежните зафати врз Долни Сарај.
– Во текот на 2013 година извршени се конзерваторско реставраторски работи и санациони зафати на скалишниот простор. Фасадната структура на овој простор е делумно оштетена и е без темелна партиа, со дотраени дрвени појаси и оштетувања на ѕидовите.Скалишниот простор е оформен во самата карпа, со кој се совладува висина од 14 метри. Пред извршување на работите скалишниот простор не беше во функција поради депонираниот шут и смет до ниво на самата горна тераса, информира директорката.
Покрај овие активности НУ Завод и Музеј – Охрид работеше на конзервација на живописот на три цркви, црквата Сите Свети во с. Лешани, црквата Св. Никола во с. Косел и црквата Св. Богородица Захумска во с. Трпејца. Изработи голем број на проекти од музејската и ликовната дејност, заштитен инвентар за 150 објекти од профана архитектура на територијата на општините Охрид, Струга, Дебарца и Вевчани. Отпочна реализацијата на долгоочекуваниот проект за конзервација на архитектурата и фрескоживописот на црквата Св. Богородица Перивлепта во Охрид, што се очекува да биде реализиран до крајот на 2014 година.
OhridNews