Охридскиот Завод за кардиологија, би можело да се пресели во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, која би прераснала во современ регионален здравствен центар. Ова го најави министерот за здравство Никола Тодоров кој денеска престојува во работна посета на Охрид.
-Во болницата Св. Еразмо пред повеќе од дваесет години почната е изградба на објект кој е оставен така од 1988 година. Истиот би можеле да го искористиме за подобрување на здравствените услови во Охрид. Имаме неколку идеи, кои ќе ги разгледаме, а една од алтернативите за која активно размислуваме е тука да ја донесеме специјалната болница за лекување, рехабилитација и превенција на кардиоваскуларни заболувања од Охрид и ова да биде еден центар кој ќе биде познат не само за Охрид туку за целиот регион, бидејќи двете болници опслужуваат пациенти од цела земја и пошироко, изјави министерот Тодоров, при посетата на Коснозглобна.
Тој додаде дека ваквата идеа ќе биде разгледана од стручните тимови и раководствата на двете здравствени установи и дека ќе биде изнајдено најдоброто решение.
-Идејата е средствата од Банката за развој на Советот наЕвропа во висина од околу 100 милиони денари да ги искористиме за развој на комплексот во болницата Св. Еразмо која е една од најуспешните болници во земјата, речеТодоров.
Заводот за кардиологија води судски спор со Сојузот на борци околу сопственоста на имотот на кој е сместена оваа здравствена установа, но без оглед на исходот од истиот постои потреба од обезбедување дополнителен простор за болницата, истакна директорот Д-р Никола Бакрачески. Тој посочи дека конечната одлука околу обезбедување на потребните просторни услови внимателно ќе биде донесена, како и дека се уште не е напуштена идејата едно од решенијата на проблемот да биде поранешната детска болница, која по затворањето пред неколку години е оставена на забот на времето и буквално пропаѓа.
-Една од опциите е зградата на поранешната детска болница, но разгледуваме и други опции како што е префрлање во комплексот на специјалната болница Св. Еразмо. Тим на експерти е вклучен во изнаоѓање на изнаоѓање на соодветно архитектонско решение, а се разбира многу работи ќе зависат и од финансиските можности за изградба на современ објект во кој Заводот ќе може да ја обавува својата дејност, изјави Д-р Бакрачески.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој истакнадека засега нема рокови и дека се бара најрационалното решение за сместување на дејноста, бидејќи, како што рече зградата во која заводот сега функционира не ги задоволува потребните услови.
-Ние постојано ја развиваме нашата дејност, воведуваме нови методи, како што е електростимулацијата, која долго ја најавувавме и наскоро ќе ја имплементираме, и сето тоа изисхува нов функционален простор кој ќе обезбеди давање квалитетни услуги и се разбира нови вработувања, додаде Бакрачески.