Нови истражувања и заклучоци за македонскиот јазик, литература и култура oд истражувачи од Кина, Австралија, Шведска, Турција, Австрија, Франција, Полска, Чешка, Унгарија, Русија, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Косово, како и од истражувачи од нашата земја.
Сите едногласно порачаа од одржаната Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид дека македонистичките научни вистини и македонскиот збор и натаму ќе одекнуваат низ светот, со нови лингвистички, книжевни и културолошки анализи на делата на Крсте Мисирков и Ацо Шопов, кои веќе ќе бидат референци во меѓународната академска средина, со важни, нови отворени прашања за македонскиот јазик, литература и култура наспрема другите јазици, литератури и култури, со примена на најсовремени методолошки пристапи.
Остварени се и нови контакти, презентирани се идеи за продллабочување на соработката меѓу македонските и странските македонисти, балканисти и слависти, преку кои афирмацијата на македонистиката во меѓународни рамки ќе е уште посилна. И клучно – има нови генерации истражувачи од странство за кои македонистиката е и ќе биде научен предизвик. Со своите презентирани истражувања, тие укажаа: странската македонистичка научна мисла има големи перспективи. Очекуваното дека ова јубилејно издание на Конференцијата ќе е и влог во иднината и дека ќе донесе клучни референци за македонистиката и нови научни предизвици, се оствари. Се потврди дека достоинствено продолжува развојот на конференцијата за јазик, литература и култура со најдолга традиција во регионот, велат организаторите.
По свеченото отворање и по пленарната сесија на која своите реферати ги изложија повеќемина истакнати истражувачи од земјата и од странство, од петокот – 1 септември до неделата – 3 септември 2023 година, на Конференцијата, паралелно се одвиваше работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура, преку сесии за кои беа пријавени околу 70 нови научни трудови.

Во рамките на сесиите и на двете секции се претставија многу значајни нови согледби за делото на Мисирков, кои произлегуваат од нови истражувања на домашните и странските истражувачи, а се од голема важност за македонистичките научни вистини. Многу нови и извонредно интересни истражувања беа презентирани и за творештвото на Шопов, на кое му беа посветени голем дел од рефератите. Меѓу другото, покрај новите проучувања за јазикот на поезијата на Шопов, на Конференцијата, преку одделни истражувања се оствари и навраќање кон некои негови подзаборавени дела, како и кон дела на кои досега не им било посветено научно истражување, додека во исто време значајно се надградија и постојните научни исчитувања за некои сегменти од неговото творештво. Преку живи дискусии и расправи околу неговата поезија, препевите на неговата поезија на други јазици и неговите препеви на југословенски и светски автори на македонски јазик, на Конференцијата, во научните расправи и се оствари обид за научно коригирање на некои претходни залучоци, и клучно – за првпат се презентираа некои проучувања за материјали за Шопов и од странските книжевни архиви, истакнуваат во соопштението.
На Конференцијата беа опфатени и традициналните теми „Македонскиот јазик наспроти другите јазици“ и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури“, коишто веќе со години овозможуваат низ научна диоптрија да се коментираат спецификите и посебноста на македонскиот јазичен, литературен и севкупно културен идентитет.
Интересот за овие теми се потврди и преку ова јубилејно, конференциско издание, при што во некои од сесиите учетвуваа исклучиво странски истражувачи кои со студиозен пристап афирмираа нови важни научни предизвици што потврдуваат дека македонскиот јазик, литература и култура се факт и предизвик за светската наука, како што беше нагласено и на отворањето на Конференцијата. Клучно е што по презентациите на научните трудови, во сите сесии се одвиваа и плодотворни дискусии, преку кои се отворија и низа други, нови прашања, се воспоставија нови тези, но и се препознаа конкретни можности за натамошни заеднички научни истражувања на македонските и странските истражувачи, со кои македонистиката ќе биде уште повидлива на меѓународен план. Притоа, особено значајно е што во тие дискусии учествуваа и нови странски истражувачи, додаваат во соопштението.

Конференцијата на МСМЈЛК при УКИМ беше дел и од националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“ под покровителство на претседателот на државата, а се организираше и со финансиска поддршка од Министерството за култура.
OhridNews











