Во мирна атмосфера денеска се одржа и заврши Првата парада на гордоста во Македонија. Во Скопје голем број граѓани од земјава, но и учесници од странство маршираа за подршка на припадниците на ЛГБТИ заедницата и за еднакви права на сите луѓе.

Скопје прајд е настан за да се сврти вниманието на јавноста за нееднаквоста во која живеат припадниците на ЛГБТИ заедницата со која се соочуваат во земјата, како и против стигматизацијата и насилството на кое секојдневно се изложени нејзините членови. – истакнаа организаторите.

На првата парада на гордоста во Северна Македонија „Skopje Pride“ денеска присуствуваа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерката за одбрана и потрпретседателка на Владата, Радмила Шекеринска, министерката без ресор, Зорица Апостолска, пратенички од неколку политички партии, преставници од државни институции и невладините организации, како и преставници од амбасадите на повеќе држави во земјава. Овој настан е голем чекор напред во борбата за еднаквост и повеќе права на ЛГБТИ заедницата во државата, истакна министерката Мила Царовска.

Сите ние денеска покажавме дека сме видливи и дека во нашата држава можеме сите оние коишто со години беа невидливи, сите оние кои со години беа дискриминирани, сите оние коишто со години беа малтретирани, да денеска заеднички ги поддржиме и да си ветиме пред себе и пред сите наши сограѓани дека никогаш нема да се повтори насилство во нашата држава. Ние како Влада навистина покажавме и декларативно, а и во пракса дека ги сменивме законите, дека направивме ратификација на Истанбулската конвенција, дека поддржавме услуги за заштита и сето тоа за само две години. Знаете зошто? Затоа што веруваме во општество коешто е еднакво, општетво кое дава шанса за секој еден. – истакна Царовска во своето обраќање пред учесниците на парадата.

Паралелно со Парадата на гордоста, во Скопје се одржа и граѓанско-верски собир „Сведоштво за семејството“ за заштита на брачните, семејните и верските вредности. Маршот го организираше граѓанската платформа „Сојуз за живот“.

Ние се спротиставуваме на таа идеологија и поучени од случувањата на запад и страшните последици кои ги гледаме таму, се залагаме тоа да не пушти корени во нашата држава и општество. – истакна отец Ивица Тодоров.

Маршот за зачувување на традиционалните вредности беше поддржан од верници и припадници на верски заедници и граѓани. Овој собир започна со литургија во црквата „Света Богородица“, со која чиноначалствуваше митрополитот Повардарски на МПЦ ОА Агатангел.

Geplaatst door Виктор Гонев op Zaterdag 29 juni 2019

Освен вербални провокации и пцовки кон поддржувачите на ЛГБТИ заедницата, не се забележани други инциденти на Парадата на гордоста и маршот за поддршка на традиционалните вредности.

OhridNews
фото и видео: Влада на РМ/Facebook