Секое искуство и знаење што ви е предадено на оваа школа користете го, пренесувајте го, ширете ја иновативноста и добрината. Не се воздржувајте да сонувате, мечтајте и стремете се кон возвишени нешта. Тоа е и целта на оваа школа, но и филозофијата од овие години на независна Македонија, да ја градиме во височина, со највисоки стандарди, критиериуми, највисоки принципи, им порача Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на учесниците на 4-та Школа за млади лидери, што под негово покровителство се одржа од 19 до 31 август во Охрид.

На церемонијата на доделувањето на сертификатите, Иванов им порача на младите лидери дека нивното присуство во Охрид не е само среќа, туку нивна лична заслуга, награда за се она што го постигнале во своето образование, во своето другарување.

„Сето она знаење, умеење, вештина што го стекнавте, негувајте го со чувство на благодарност. Тоа чувство нека ве следи цел живот, бидејќи она што го даваме сите ние го забораваме, но го паметат оние што го добиваат и оттаму паметете го и вие. Во животот ќе научите многу нешта за кои ќе бидете благодарни”, рече претседателот Иванов.

Побара од младите лидери да бидат и трпеливи бидејќи, како што истакна, се во животот има свој ред.

„Не бидете нетрпеливи, пројавете трпение да го доживеете она што е заслуга на вашиот личен труд и вашиот ум. Не брзајте во животот, се има свој ред, фатете го редот и се во животот ќе ви се исполни. Ќе се уверите во животот колку се она што сте го научиле има своја вредност”, додаде меѓу другото претседателот Иванов.

Во рамки на Школата за млади лидери во изминатите две недели своите знаења со учесниците ги споделуваа врвни предавачи, познати јавни лилности, истакнати поединци и успешни лидери во компании и образовни институции од Македонија, Шпанија, Нов Зеланд, Хрватска, Босна и Херцеговина, Израел.

Школата за млади лидери е востановена со цел да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници од Македонија, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција и културната и религиска диверзификација. Претседателот Иванов за прв пат ја иницираше идејата во неговата изборна програма, со визија да им се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

OhridNews