Со чалгиските трубадурски звуци на Ансамблот „Климе Садило” од Охрид и со вокалните и инструментални изведби на тамбурашкиот оркестар и пејачката група при КУД „Иван Горан Ковачиќ” од Сисак, вчеравечер во Вевчани заврши Фестивалот на народна култура „Пображење“, што оваа година се одржа по осми пат.

Организаторите, КУД „Дримкол“ од Вевчани задоволни од ова издание.

– Преображение  Христово е голем празник кој сам по себе носи голема радост кај сите Вевчанци, а фестивалот за народна култура „Пображење“ е само дополнение на таа радост, збогатување на културната и туристичка понуда на Вевчани, празник за очите и душата. Во Вевчани над 400 уметници во изминатите три дена го презентираа фолклорот на својата држава, еминентни стручњаци од оваа област истражуваа, сликари на наивна уметност сликаа, Вевчани беше центар за народна културата и традицијата. И не само изминативе денови, Вевчани било и ќе биде достоен чувар на традицијата – велат организаторите.

Синоќа стручниот совет на фестивалот во состав: Проф. д-р Мирјана Мирчевска-етнолог,Проф. д-р Велика Стојкова–Серафимовска-етномузиколог, Проф. д-р Даворин Трпевски-етнолог, Јовица Блажески-професионален играч и пеач во ансамблот „Танец” , Наташа Кукоска-етнолог,  ја доделија и наградата за најуспешна изведба на фестивалот, а Плакетата „Чувари на традицијата“, ја освои КУД „Таше Милошески” од Ресен.

Во програмската содржина „Народната култура, инспирација за ликовните уметници”, оваа година Вевчани и традицијата беше инспирација за уметниците: Славица Секуловски и Mарјан Стојаноски чии дела синоќа беа промовирани пред вевчанската публика која со громогласни аплаузи го поздрави нивното представување. Овие вредни дела остануваат во сопственост на организаторот кој ќе сведочат за ФНК „Пображење” 2018.

OhridNews