Голем број љубители на народната песна и оро изминатите неколку дена беа редовна публика на градскиот плоштад во Охрид, каде што се одржуваа концертите на Меѓународниот фестивал „Разиграно оро“. Завршниот концерт на оваа фолколорна манифестација, која е една од најмасовните собири на фолклористи на Балканот се одржа вчера и на него настапија неколку културно-уметнички друштва од регионот.
Учесниците на фестивалот велат дека ова е добра можност за да се запознаат одблиску другите култури и традиции и секако идеална можност за размена на искуства и заедничко дружење.
-Овој фестивал е многу значаен за регионот, затоа што се одржува во еден туристички центар како што е Охрид, каде што освен мештанте во публиката често има и туристи од кои повеќето се странци. Многу сме задоволни од целокупната оргaнизација на фестивалот и од начинот на кој ние сме прифатени тука. Очекуваме дека овој фестивал ќе ја продолжи својата традиција и дека во текот на преtстојните години ќе се зголемува бројот на учесници, ни изјави еден од предводниците на фолклорното друштво ,,Радост’’ од Србија.
Фолколористите на бугарското фолклорно друштво ,,Черга” велат дека доаѓањето во Охрид им претставува посебно задоволство и дека тука запознале многу пријатели.
-Овој фестивал е едно убаво искуство за нас, тука си поминавме прекрасно и се надеваме дека и наредната година ќе дојдеме пак. Задоволни сме од публиката, која секој ден доаѓаше во голем број, што ја потврдува и самата фолклорна традиција во Охрид, велат од КУД ,,Черга”.
Освен КУД ,,Радост” и ,,Черга” во рамки на фестивалот настапија и фолклорните друштва ,,Абрашевиќ’’, ,,Рибарска Бања’’ и од Србија, ,,Вангелов’’, ,,Луди млади’’ и ,,Петрич ‘’од Бугарија, потоа ,,Капија’’ и ,,Бисер’’ од Босна и Херцеговина, како и играорци од Албанија, Турција, Грција, Косово, Хрватска и од други земји. Покрај фолклорните друштва од странските земји, гости на фестивалот беа и неколку македонски фолклорни друштва.
Фестивалот „Разиграно оро“ го организира ансамблот „Филиграни“ од Охрид со поддршка од Министерството за култура и Општина Охрид.