Градежните активности за конзервација на надворешната архитектура на црквата „Св. Богородица Перивлепта“ се завршени. Во наредниот период, согласно изработените проекти, ќе се пристапи кон надворешна дренажа на црквата , а за десеттина  дена ќе започне и конзервација на фрескоживописот во црквата, информира министерката за култура Елизабета Канческа- Милеска која деновиве изврши увид врз активностите на терен.

Паралелно започнува и реконструкција на конакот. Со директорката на Завод и музеј разговаравме за тоа министерството за култура  да се вклучи преку обезбедување на средства за обновување на камбанаријата . Динамиката на конзервација на црквата оди според планот , особено ме радува што надворешниот дел од архитектурата е прекрасно направена, затоа би му се заблагодарила на тимот од Завод и музеј кој работи на реализација на проектот, рече министерката Канческа- Милеска.

Проектот за заштита на автентичната архитектурата на овој значаен културен објект го изготви долгогодишниот архитект во УНЕСКО, Алкис Препис со помош на стручните служби од Националната установа Завод и музеј од Охрид.

Во изминатите три месеци, согласно проектот, се изврши промена на кровниот покривач на црквата, односно комплетна конзервација на архитектурата. Се поставија нови керамиди идентични со оргиналните, се  постави изолација, а се извршија и опшивки од оловен лим.

Т.К.