Во рамки на активностите  предвидени со Годишната програма на Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид, деновиве успешно беше реализирана „Промотивната Тура Охрид 2014“, на која присуствуваа околу 40-тина претставници од туроператори, туристички агенции и медиуми од Турција, Албанија, Србија, Бугарија, Русија и Косово.

Со цел подобро запознавање со културните и природните убавини,  туристичките потенцијали и можностите кои ги нуди градот, гостите имаа можност да се уверат во тоа преку обиколка на стариот дел на градот и културно историските споменици и обележја.

Исто така, остварени беа посети на повеќето хотели во охридскиот регион, каде што гостите се запознаваа со сместувачките капацитети, односно одржаа директни средби со претставници на туристичкиот сектор.

Како што велат од општина Охрид, во рамките на настанот посебен акцент бил ставен на алтернативните форми на туризам во руралните средини.

Впечатлива беше дегустацијата на селска храна во селото Скребатно карактеристична  за нашето поднебје. Присуните имаа можност да го посетат и Манастирот Св. Петка во селото Велгошти. Од посетата на Националниот парк „Галичица“, гостите можеа да се уверат во можностите за активен туризам преку посетата на Нуркачкиот центар „Амфора“ и наколното живеалиште кај Градиште, организација на планинарски тури (пешачки и велосипедски) како и кампинг туризам и параглајдинг на Галичица.  Мистичноста, мирот и спокојот на Манастирот во Свети Наум несомнено остави силен впечаток за што и самата телевизиска куќа TGRT од Турција ќе спомне во својата репортажа која ќе биде емитувана во 4 емисии.“ – велат од општина Охрид.

Охрид ќе се најде и во Магазинот на Holiday Medya каде на 4 страници ќе бидат опишани убавините на стариот Охрид и Охридското Езеро како посакувана туристичка дестинација.

На овој начин, сите присутни гости имаа можност на лице место да ги видат сите потенцијали на охридскиот туризам и понудата која можат да ја вклучат во своите туристички аранжмани, при што изразија подготвеност за зголемување на аранжманите кои ги нудат за Охрид преку засилена кампања и зголемен број на туристички понуди.“ – информираат од општина Охрид.

Оттаму потенцираат дека според предвиедното, планирано е ваквата „Промотивна тура“ да има традиционален карактер.

OhridNews