Со низа активности, вчера, заврши годинешното издание „На зајдисонце“ во Трпејца.
По традиционалната прошетка по околината на Трпејца, наречена „По трагите на стариот турски пат“, се одржа турнирот во шах во организација на ШК „Ласкер “ од Охрид под раководство на Борис Лушески, по што следуваа малиот пливачки маратон и работилницата „Цртаме на зајдисонце“ со деца учесници водена од уметникот Слободан Пупиноски.
На сцената „Кај бунарот“ под водство на актерката Марија Новак деца од Трпејца и деца туристи заедно изведоа две приказни инспирирани од народното творештво за Итар Пејо, со што се заокружи работата на првата театарска работилница во Трпејца.
На последната вечер од манифестацијата се слушаше избор на поезија од македонски и светски автори кои пишувале за Охридското Езеро и водата, а честа да ја завршат манифестацијата ја имаа членовите на Градскиот хор ВОКС ЛИХНИДОС од Охрид под раководство на диригентот Бурим Хидри.
















