Со заедничка прес конференција, во Охрид попладнево заврши состанокот на министрите за одбрана на земјите од Југоисточна Европа, што денеска се одржа во Охрид.

На прес конференцијата беше истакнато дека дека главните прашања за кои било разговарано во текот на работниот дел на средбата биле идното членство на Украина во Процесот за соработка на министрите за одбрана од земјите на Југоисточна Европа (СЕДМ-процесот), ревизијата на Договорот за процесот, статусот на конечната верзија на дополниетелниот протокол на Договорот за мултинационалните сили, одобрување на годишните документи во рамките на процесот, одобрување на стратегијата за јавна дипломатија на процесот, поздравување на новите земји-домаќини на различните проекти во рамките на процесот, можно идно ангажирање на СЕЕБРИГ, како и можностите за јакнењето на самата соработка во рамките на СЕДМ-процесот. Поздравено е и учеството на министрите за одбрана на Црна Гора, Србија, Молдавија и на Грузија на оваа средба.

Задоволство од успешноста на состанокот изрази министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Коњановски кој беше во својство на домаќин на средбата „СЕДМ министерскиот состанок во Охрид го потврди значењето на СЕДМ-процесот за регионот, но и пошироко. Денешниот состанок потврди дека заедно можеме повеќе и дека добрососедските односи и регионалната соработка се единствениот клуч, не само за регионална, туку и за глобална безбедност и стабилност, рече Коњановски. 

Следниот состанок на министрите за одбрана на земјите од ЈЕИ ќе се одржи догодина во Бугарија.

Г.М.