Синоќа со настапот на пејачката група и оркестарот од Фолклорниот ансамбл „Бисери“ од Охрид во Трпејца успешно беше заокружено десеттото јубилејно издание од Културно – забавното лето „На зајдисонце“.
Под уметничко раководство на Татјана Тренеска младите изведувачи и инструменталисти уште еднаш преку својата маестрална изведба ги потсетија присутните на македонските музички и песнопојни бисери. Ретко доживување, особено за младата публика и странците беа народните инструменти, кавал, тапан и тамбура.Оркестарот беше засилен во инструменталниот дел со проф. по музика Љупчо Аслимоски и музичкиот продуцент Јовица Каралиевски“ , информираше Милчо Јовановски од „На зајдисонце“
Како бонус точка и пријатно изненадување за публиката и организаторите на затворањето на зајдисонцето настапи за првпат со модерен танц групата „ИКС“ составена од девојчиња од Трпејца.
Изминатите денови од културното лето „На зајдисонце“ поминаа во знакот на музиката. Енергичен настап имаше групата „Броз“, фронтменот Владимир Сарафилоски со останатите членови на бендот приредија вистинска забава со ведар и музички и артистички успешен концерт.И наредниот ден помина во знакот на музиката кога настапија ансамблот „Билјана“ ,кој во добро познатиот пријатен амбиент предизвика бура од емоции и создаде прекрасен флуид со публиката во Трпејца.
Вечерта беше збогатена и со настапот на неодоливиот шармер познат меѓу возрасните гледачи, секогаш актуелниот Драган Мијалковски, кој со своите шлагери ги изведе заедно со пубилката. И годинава во рамки на манифестацијата се одржа ликовната работилница „Цртаме на зајдисонце“,како и традиционалната прошетка по патеката Чоколско.
И десеттото издание на манифестацијата „На зајдисонце“ беше во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“ под покровителство на Општина Охрид, Делегацијата на ЕУ во Скопје и спонзори.
OhridNews












