Заврши јавниот увид на податоците во избирашкиот список кој започна на 21 август и траеше 20 дена. Во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, увид извршиле вкупно 21.594 граѓани. На електронската апликација Избирачки список во овој период извршени се 203.191 проверка, соопшти ДИК.
Во рок од 5 дена по завршувањето на јавниот увид, односно најдоцна до 14 септември, Државната изборна комисија ќе го достави Избирачкиот список на увид на политичките партии. Политичките партии во рок од пет дена од добивањето на Избирачкиот список, односно најдоцна до 19 септември, можат до ДИК да поднесат барања за запишување, бришење или промени на податоци. По овие барања ДИК ќе одлучи во рок од три дена. Избирачкиот список во кој се вклучени сите промени кои произлегле од јавниот увид, ДИК ќе го заклучи најдоцна до 24 септември.
Рокот за поднесување на листи на кандидати за градоначалници и членови на советите истекува на 14 септември во 24:00 часот. Листите се поднесуваат до надлежните општински изборни комисии.
OhridNews












