Еден ден не дели до најочекуваниот културно – забавен настан во Охрид, музичко – сценскиот спектакл „Зимска Бајка“ во продукција на OhridNews, што ќе се одржи во Големата сала на Центарот за култура „Григор“ Прличев.

Билетите за настанот беа експресно распродадени во првите три дена од продажбата што започна минатата недела. Тие што успеаја да стигнат до посакуваното парче хартија, можат да се подготват за вистинско уметничко доживување со најдобрите филмски класици во изведба на големиот бенд на „Зимска Бајка“ предводен од Драган Василески и Емилија Колоска, кој ќе биде пратен од дузина музичари, пратечки вокали и хорот „Вокс Лихнидос“. Публиката, исто така ќе има можност да ужива во креативниот хумор на извонредното кабаре „2 Mothers brothers“, кое специјално за оваа прилика подготви нов авторски материјал.

За оваа „Зимска бајка“, „Лабино саунд“ го инсталира најдобриот звук кој некогаш бил поставен во Центарот за култура, а „Кумев брадрс“ подготвуваат бајковито визуелно доживување. За амбиентот да биде целосен се погрижи „Импакт груп“.

Петтото, јубилејно издание на „Зимска бајка“, почнува точно во 20 часот, а вратите на Центарот за култура ќе бидат отворени 45 минути порано. Се молат гледачите навреме да пристигнат на шоуто, бидејќи поради специфичноста на настанот, истиот без одлагање ќе почне во најавениот термин.

Организаторите изразуваат благодарност до сите помагатели и спонзори, градот Охрид, СВР Охрид, Моби Тетрол, Црвен крст Охрид и Професионалната противпожарна единица Охрид.

OhridNews