Со уништување на извадените неексплодирани убојни средства од дното на езерото, денес завршува третата фаза од акцијата за чистење на Охридското езеро од неексплодирани убојни средства, која започна на крајот на минатиот месец. Точниот број на извадени НУС од дното  на езерото ќе биде соопштен на прес конференција која е предвидено да се одржи во текот на неделава.

Со третата фаза од акцијата се вршеше чистење на дното на езерото на две локации – кај градското пристаниште и во Пештани. Меѓу пронајдените парчиња неексплодирани убојни средства има и рачни бомби, авионски бомби од помал калибар, противпешадиски распрснувачки мини, артилериски гранати.

Во претходно спроведените две фази од акциите за чистење на дното на езерото беа извадени над 16 тони бомби, мини и гранати, кои датираат од првата светска војна и балканските војни, но одредени примероци се од втората светска војна.

Акцијата се спроведува од страна на екипите за подводно деминирање на Дирекцијата за заштита и спасување, а со финансиска поддршка на американската Влада и Меѓународната фондација за заштита од мини „ИТФ“ од Словенија.

OhridNews