За основците и средношколците денеска е последниот училиштен ден од учебната 2024/2025 година. Учениците заминуваат на летен распуст кој ќе трае до 31 август.

Матурантите утре ги очекува вториот екстерен испит од државната матура. Првиот – задолжителниот испит по мајчин јазик – го полагаа на 31 мај, кога над 15.000 матуранти седнаа на испитната клупа.

На основците и средношколците што денес ја завршуваат учебната година им честитам на напорната работа и заслужениот успех. Пред вас е летниот распуст, добро одморете се, но не заборавајте дека има време и за игра и за читање книга, и за забава и за совладување нови вештини, за дружење и за користење на компјутерот за истражување.  Честитки и до сите учители, наставници и професори, кои секој училишен ден им помагавте на младите луѓе да стекнат нови знаења и да бидат поспособни за соочување со предизвиците. Го цениме вашиот труд, ги зголемивме вашите плати за над 12 отсто и тие ќе продолжат да растат, а континуирано ги подобруваме и условите во кои работите. Вие сте столбот врз кој го градиме квалитетниот воспитно-образовен систем и затоа сме Ви благодарни, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Воедно, честитка упати и до родителите и старателите, кои вели се партнери во образованието, за поддршката и довербата за напредокот на секое дете.

Министерството за образование и наука продолжува со подобрувањата на воспитно-образовниот систем, работиме на нова Стратегија за образование, на создавање услови за обезбедување едносменско работење и продолжен престој за учениците во што поголем број училишта. Работиме на подобрување на инфраструктурни услови, ги надградуваме наставни програми и учебниците и го забрзуваме процесот на дигитализација. Оваа учебна година направивме многу – обезбедивме учебници за предметите за кои немаше, ги донесовме клучните закони и заедно со општините работевме на јакнење на училишните средини за да бидат мирни и безбедни за учениците, без сегрегација и дискриминација по ниеден основ, посочи.

За учебната 2025/2026, додаде Јаневска, сите заедно да направиме уште повеќе, за да можат нашите деца да добијат образование какво што заслужуваат.

OhridNews