Во рамки на престојот во Соединетите Американски Држави, на покана на Центарот на Стружани – Албанско-американско културно здружение, градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура во Њу Џерси оствари средби со градоначалниците на четири општини во кои живеат значителен број семејства со потекло од Струга.

На средбите се разговараше за можностите за зајакнување на меѓуинституционалната соработка, размена на искуства во локалното управување, можностите за инвестиции и создавање нови мостови на соработка меѓу локалните институции. Посебно внимание беше посветено на улогата и потенцијалот на струшката дијаспора, како значаен партнер во економскиот, туристичкиот и општествениот развој на Струга, информираат од Општина Струга.

Овие средби, посочуваат, имаат за цел да воспостават подиректна комуникација меѓу Општина Струга и локалните институции во Њу Џерси, претворајќи ја силната поврзаност на стружани во дијаспората со родниот град во конкретни форми на соработка, инвестиции и заеднички проекти.

Претходните денови во Конзулатот на Република Северна Македонија во САД, градоначалникот Ќypа придружуван од претседателот на КЦАА-Струга во Њу Џерси, оствари средба со претставникот на Конзулатот, Драган Петковски.

Во фокусот на средбата беа потребите на струшката дијаспора во САД, конзуларните услуги, можностите за инвестиции од страна на дијаспората, особено во туристичкиот град Струга, како и воспоставувањето поредовна комуникација меѓу страните со цел олеснување на услугите и задоволување на потребите на граѓаните.

OhridNews