Книгата „Здивот на ветрето…“ од Милован Србиноски ќе биде промовирана утре, 22 октомври, со почеток во 17 часот, во пабот „Кригла“ во Охрид. Настанот ќе има интерактивен карактер, со читање поезија и можност присутните да се обидат да напишат сопствена хаику песна.

На промоцијата ќе се зборува за книгата, за настанувањето и структурата на хаику песната, како и за најзначајните јапонски хаику поети. Преку мултимедијална презентација и елементи на работилница, посетителите ќе можат да прочитаат песни што им оставиле впечаток и да учествуваат во творечкиот дел од средбата.
Србиноски претходно има објавено заедничка книга со уште тројца охридски автори. Неговата поезија е застапена во списанија и книги во Македонија и во повеќе други земји, меѓу кои Германија, Австралија, Србија, Хрватска и Црна Гора. Застапен е и во „Антологија на светската хаику поезија“, објавена од „Алма“ во Белград во 2007 година.
OhridNews











