Книгата „Здивот на ветрето…“ од Милован Србиноски ќе биде промовирана утре, 22 октомври, со почеток во 17 часот, во пабот „Кригла“ во Охрид. Настанот ќе има интерактивен карактер, со читање поезија и можност присутните да се обидат да напишат сопствена хаику песна.

Ова прво самостојно книжевно издание на Србиноски содржи 100 хаику песни, создавани пред 1989 година и во годините потоа. Тематски разновидни, песните најчесто се инспирирани од природата и од малите секојдневни нешта што неретко остануваат незабележани. Низ нив се провлекуваат љубовта кон живиот свет, сочувството и вниманието кон животот.

На промоцијата ќе се зборува за книгата, за настанувањето и структурата на хаику песната, како и за најзначајните јапонски хаику поети. Преку мултимедијална презентација и елементи на работилница, посетителите ќе можат да прочитаат песни што им оставиле впечаток и да учествуваат во творечкиот дел од средбата.

Србиноски претходно има објавено заедничка книга со уште тројца охридски автори. Неговата поезија е застапена во списанија и книги во Македонија и во повеќе други земји, меѓу кои Германија, Австралија, Србија, Хрватска и Црна Гора. Застапен е и во „Антологија на светската хаику поезија“, објавена од „Алма“ во Белград во 2007 година.

OhridNews