СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески не се грижат за децата и младите. Премногу ветени спортски и детски игралишта насекаде низ целиот град и руралните средини, но за жал ниту едно изградено или реконструирано, обвини на денешната прес конференција, претседателот на УМС на општинската ВМРО ДПМНЕ, Александар Здравевски.
- Сликата којашто може да се види на сите детски и спортски игралишта е дека тие се во катастрофална состојба. Кога планирате да ги направите ветуваните детски игралишта во Центар, Долна Влашка маала и 15 Корпус? Децата и младите од населбите Воска и Црногорци останаа без ветеното поставување на нови детски игралишта, а за постоечките воопшто не се води грижа. Зошто не преземате никакви санирања на детското игралиште на улица „Васил Главинов“?, праша Здравевски.
Додаде дека младите чекаат да се реновираат и спортските терени за мали спортови во Долно Лакочереј и Лескоец, како и детските паркови во Велгошти.












