Шеесеттина деца згрижени во централниот објект на детската градинка „ Јасна Ристеска“, денес, имаа можност да видат како правилно се четкаат забите, како се одржува орална хигиена и да слушнат колку таа е значајна за да имаат здрави заби. Во рамки на проектот кој се реализира со подршка од Lacalute „ Здрави навики, здрави запчиња и повеќе насмевки“, дечињата денес добија совети од тимот стоматолози при ПЗУ Денториа и д- р Сашо Стоев, како и подарок паста за заби од Lacalute .
Присутните стоматолози извршија визуелен преглед без употреба на стоматолошки инструменти, а се одржа и практична обука на децата со помош на забни модели и четки.
– Здрави навики водат кон здрави запчиња, а со тоа и намалена посета на стоматолог, која скоро кај секое дете и не е баш посакувана. Со редовно четкање на запчињата, би се намалила акумулацијата на дентален плак, а со тоа и би се намалил ризикот на создавање кариес. Денес евидентираме за секое од децата колку има расипани заби, колку се млечни, колку трајни. По еден месец ќе се реализира посета на децата на ПЗУ Денториа со цел запознавање со нашата ординација, инструментите, просторот, ќе се извршат кратки прегледи, со кои би забележале колкав е степенот на напредок во оралната хигиена. Кај секое дете кое не би покажало одреден степен на подобрување, ќе извршиме премачкување со метиленско сино, за и тие самите да видат и пак им презентираме правилна техника на четкање, информира д- р Ертан Омероглу од ПЗУ Денториа.
Д- р Сашо Стоев потенцира дека хигиената треба да се одржува од првиот момент од излегувањето на првото запче.
– Иако тоа најчесто не се практикува од страна на родителите, треба веднаш да се започне со четкање на забите . Оваа едукација е и за родителите да обрнат внимание, оние кои редовно ги носат децата на стоматолог и одржуваат хигиена, кај нивните деца многу побезболно се решаваат проблемите и тие немаат страв, бидејќи не ги боли интервенцијата, вели д- р Сашо Стоев.
Директорката на градинката Розе Костеска потенцира дека во рамки на проектот за користење здрава храна децата постојано се едуцираат како да се хранат и одржуваат лична и орална хигиена.
– Вршиме постојана едукација на децата за одржување на оралната и лична хигиена, имавме и обуки, основните познавања ги имаат но овој дел- практичниот е уште позначаен, вели Костеска.
Во рамки на проектот предвидено е на крајот на месец февруари или почетокот на март да се оствари средба со родителите на оние дечиња кои не воделе редовна и правилна орална хигиена, на кои ќе им се објаснат правилните техники, а воедно и ќе им биде посочено кај кои запчиња треба да се изврши стоматолошка интервенцвија.
Т.К.