Партиите од здружениот опозициски блок „Сојуз за иднината“, вечерва одржаа протестен собир во Струга.


Пред присутните во центарот на градот се обрати пратеникот Игор Ивановски, кој истакна дека народот ќе ја казни актуелната власт за начинот на кој владее седум години со трошење на  парите од буџетот на државата за свои интереси и сеејќи страв. Затоа, рече Ивановски,  опозицијата е одлучна да истрае до крај во своите барања за предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ја искажат својата волја.


-Повеќе од 40 дена сме на улица и ќе бидеме до крај се до избори. Како што народот дал ќе земе и ќе даде на подобрите, а тоа сме ние, не за да бидеме подобри од нив, туку од нас и да ја вратиме Македонија на вистинскиот пат.-рече Ивановски.


Пратеникот Митре Велјаноски, искажа загриженост, бидејќи, како што рече,  Македонија од лидер  сега е на последно место во регионот.

-Ние сме земја заборавена од сите. Пред нас се и Косово и Босна, подолу нема, ова е дното.-истакна Велјаноски.


Свое обраќање на собирот имаше и пратеникот и лидер на ПЕИ Фијат Цаноски, кој истакна дека Македонија денес е земја во која нема слободни медиуми и независно судство.

-Гледате што се случуваше во сите монтирани процеси политички процеси изминатите години. Уништување и затварање на цели фамилии, изречени беа по 100-години казни, тоа го немало во комунизмот, а сега го има. Тоа е најголемата штета што е направена и ние мора да го спречиме тоа, не смееме да дозволиме да немаме независно судство.-рече Цаноски.


На протестот се обрати и лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов кој и порача на власта дека еден ден ќе одговара за се што сторила во своето владење.

-Луѓето од власта се наполнија како бродови, а утре кога ќе ја изгубат власта ќе побегнат, но каде и да отидат ние ќе ги најдеме и ќе одговараат за направениот криминал.-рече Ангелов.


Опозицијата од собирот во Струга најави дека ќе продолжи со протести се додека не бидат распишани предвремени парламентарни избори, како решение за излез од актуелната политичка криза.

OhridNews