Опозицијата не може и нема да се врати во парламентот по случувањата на 24-ти декември, затоа што на тој начин таа ќе стане соучесник на диктаторскиот режим кој владее со Македонија, истакна лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на протестот што вечерва се одржа во Охрид.



-Ако опозцијата се врати во парламентот ќе бидеме ваши соучесници во инсталирање на диктатурата во Република Македонија, ќе бидеме исто толку, ако не и повеќе виновни од вас, затоа што надежта на овој народ е во нас, не во вас Никола Груевски. Вас ве чека казна од која бегање нема. – и порача на власта Црвенковски. 


Тој рече дека отпорот кој го покрена здружената опозиција не претставува битка на партии и коалиции, туку битка на народот против еден диктаторски режим, кој од власт ќе го симнат граѓаните кои почнуват полека да се будат и стануваат свесни за ситуацијата во која се наоѓа државата.

-Ова е тешко време за тешки одлуки. Кој пат ќе го фати Македонија, дали ќе остане ваква каква што е денес  со овие политики или овој народ ќе се реши за една поинаква држава, за слободна европска и демократска Македонија. Таа одлука му припаѓа само на народот, а народот може да реши на два начина, или на фер, демократски парламентарни избори, или на оној вториот, кој е многу лош и за Никола Груевски и за ВМРО ДПМНЕ.-истакна Црвенковски.


На протестниот марш во Охрид рамо до рамо со Црвенковски беше и лидерот на ПЕИ Фијат Цаноски, што треба да претставува потврда на сојузништвото, по признанието од оваа партија дека преговарала со партиите од албанскиот блок, меѓу кои и со владејачката ДУИ, за соработка на претстојните локални избори во одредени општини. И ПЕИ и ДУИ негираа дека бил постигнат некаков договор.


На вечерашниот простест присуствуваа и градоначалници на СДСМ од други општини, кои му изразија поддршка на охридскиот колега Петрески, кој пак, ја обвини владата на ВМРО ДПМНЕ за континуирана опструкција на општината.

-Седум години не потпишуваат ништо за Охрид. Вакво ембарго Обединетите нации немаа воведено кон Србија на времето, како што има општина Охрид ембарго од Владата на Груевски. Не ми треба повеќе да сум градоначалник со влада на чие чело е Никола Груевски. Јас ќе бидам повторно градоначалник, ама тој нема да биде премиер. Ќе имаме и парламентарни избори на кои ќе го победам.-рече Петрески.


Пред охриѓани се обрати и пратеникот Митре Велјаноски, кој рече дека во Македонија после 24-ти декември не постои парламентарна демократија.

-Парламентарна демократија е онаа каде има дијалог и компромис помеѓу политичките партии застапени во парламентот. Година и пол бев во оној парламент ниту компромис, ниту дијалог, само црнила, гласачка машинерија, горди послушници.-рече Велјаноски.

Пред охриѓани говореше и претседателот на општинската организација на ЛДП – Охрид, Дејан Блажески. Тој директно им се обрати на младите, од кои побара да го кренат својот глас против тие што ја уништуваат државата.

-Бевме генерација која што носеше награди, која што учествуваше на натпревари и беше секогаш против насилството, генерација која едвај чекаше да дојде Велигден да добиеме бојадисано јајце или Бајрам за баклава. Во меѓувреме станавме премногу исплашени без концепт, без никаква стратегија, подлегнавме на секаков притисок. Во меѓувреме дојдоа да ни шефуваат оние со најслаб просек во генерација, оние без интелектуален капацитет, оние што се како печурките,  малку влага и топлина и ете ги на површина.-истакна Блажески.

 На протестниот собир во Охрид се обратија и новинарот Бранко Героски и Мирјана Крлеска, доктор од областа за односи со јавност.

Здружената опозција најави дека ќе ги продолжи протестите до исполнување на барањата, во спротивно не ја исклучува можноста од нивна радикализација.

OhridNews