По паузата заради Божикните празници, здружената опозција вечерва ги продолжи протестите во Охрид. Членови и симпатизери на опозциските партии и незадоволни граѓани мирно продефилираа низ  чаршија и улиците во градот.


Извикувајќи пароли против актуелната власт, тие изразија незадовилство од состојбата која владее во државата во која, како што можеше да се чуе од учесниците на собирот, нема демократија по „црниот понеделник“кој и се случи на Македонија.


– Се додека ни траат во меморијата сликите што ги гледавме на 24 декември, се додека се суспендирани Уставот и парламентарната демократија, се дотогаш низ градовите во Македонија опозицијата ќе излегува на улиците гласно да им каже на граѓаните во Македонија, но и на светот, дека во една  земја на Балканот е прекршен Уставот и нема парламентарна демократија и дека единствениот начин да се корегира тоа и да се врати се во нормала е само со кренатиот глас на опозицијата.-изјави членот на општинскиот Совет Томислав Тунтев.


Меѓу учесниците на протестот  беше и градоначалникот на Охрид и кандидат за трет мандат, кој истакна дека е подготвен до крај да истрае во битката за демократија заедно со граѓаните, без оглед колкава политичка цена ќе плати.

Мене не ми треба уште еден мандат со ваква власт во Македонија која изминатите 4 години го блокираше Охрид на сите можни начини. Како општина секојдневно сме изложени на полициски притисоци и контроли, а Охрид е под целосна економска и политичка блокада, така да дали јас ќе бидам градоначалник или нема да бидам е многу помалку важно од тоа што се случува во Македонија.- рече  Петрески.


Протестите на здружената опозција во Охрид, продолжуваат и утре.

OhridNews