Во време на сериозна енергетска криза со која се соочува нашата земја заради недоволните капацитети, се приклучуваме кон многубројните барања за измена на прописите заради подобрување на условите и исплатливоста на вложувањето во фотоволтаични постројки од страна на граѓаните, велат од Здружението „Чекоштина Урбан“ од Охрид.
Велат Македонија е една од ретките земји во регионот во која граѓаните се демотивираат да инвестираат во поставување фотоволтаици за користење на сончевата енергија на своите објекти.
Кај нас се‘ уште е на сила правилникот за обновливи извори на енергија според кој воопшто не е исплатливо домаќинствата да користат енергија од фотоволтаици. Притоа, за да се добие одобрение за поставување, претходно треба да се поминат низа бирократски процедури низ општините и ЕВН, што уште повеќе придонесува граѓаните да се откажат од својата намера, наведуваат од Здружението.
Потсетуваат дека министерот за економија, Крешник Бектеши уште на 23. 2. 2022 г. најави дека за една седмица ќе се донесе нов правилник за користење обновливи извори на енергија, но помина месец и пол, а од тоа нема ништо. Минатата седмица и премиерот најави дека се подготвува нов закон за користење обновливи извори на енергија, додаваат од Здружението.
Јасно е дека власта декларативно се залага за поедноставување на процедурите, а во пракса од тоа нема ништо. Ова упатува на сомнеж дека постои друга цел, а тоа е да се привилегираат одредени моќници кои се сопственици на мали хидроцентрали низ целата држава или кои имаат формирано фирми за увоз и продажба на електрична енергија, додваат во соопштението од Здружението „Чекоштина Урбан“ од Охрид.
OhridNews












