Здружението на граѓани Христо Узунов од Охрид е сериозно загрижено за последните одлуки на Локалната самоуправа за зголемување на цената на водата и другите комунални услуги во Охрид, стои во писмениот допис испратен од страна на здружението до медиумите.

–    Воедно изразуваме загриженост дека сето тоа е поврзано со актуелната продажба на Јавното претпријатие Проаква кое треба да биде гарант за чување на водата како национално богатство. Од тие причини, како Здружение кое меѓудругото се грижи за зачувување на националното богатство во Македонија, во кое спаѓа и водата бараме да се отвори јавна дебата за начинот , процедурите и тајните преговори кои се вршат околу продажба на претпријатието ПРОАКВА. Јавноста како што беше исклучена од дебата за моментот за зголемување на цената на водата, така е исклучена и од процесот на продажба на Проаква. Во дебатата да бидат вклучени сите релевантни субјекти за да се отстранат сите можни елементи на манипулација и корупција во процесот, се наведува во дописот.

Од здружението додаваат дека водата како национално богатство, со тоа и претпријатието кое ја управува не смее да биде предмет на продажба, затоа што се загрозуваат националните интереси што може да доведе до бура на протести и отпор.

OhridNews