Согласно Јавниот повик за финансиска поддршка на граѓанска организација која координира Центар на територија на Општина Охрид кој згрижува и третира деца со атипичен развој за финансика поддршка се избира Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет“, информираат од Општина Охрид.

Со избраната граѓанска организација ќе биде склучен Договор во кој детално ќе бидат наведени нејзините обврски како и обврските на Општина Охрид по однос на спроведување на оваа активност, се вели во решението.

Во Јавниот повик кој беше распишан на почеток на месецот беше наведено дека Општина Охрид за буџетската 2023 година, согласно Програмата за социјална и здравствена заштита предвидува финансиски да поддржи граѓанска организација која работи на територијата на Општина Охрид и координира Центар кој згрижува и третира деца со атипичен развој и аутистичен спектар.

Средствата, беше наведено во повикот, треба да бидат наменети исклучиво за поддршка на семејства од социјален ризик и треба да овозможуваат намалување на трошоците на овие семејства кон Центарот. Вкупната финансиска поддршка за оваа намена изнесува 432.000,00 денари стоеше во повикот.

OhridNews