Грижата за почиста животна средина е клучна за поквалитетен живот на жителите и создавање на убав животен простор, во таа насока  еден од носечките проекти од програмата на СДСМ е „Зелена оаза“ кој предвидува уредување на паркови и зголемување на градското зеленило во Охрид, порача денес кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата Константин Георгиески.

Предвидуваме уредување на парк зона на потегот на Студенчишкото блато, веќе е започната процедура за прогласување на Блатото за Парк на природата со што ќе се овозможи негова поголема заштита. Со цел да се обезбеди соодветна промоција на вредностите на блатото и истите да се презентираат пред туристите. Во зоната која ќе биде предвидена за активно управување , предвидуваме уредување на репрезентативна локација, интересна за посети и за збогатување на туристичката понуда на градот, истакна Георгиески

Тој додаде дека преку сеопфатна анализа од стручни лица и наменски проект како и пристапување кон обновување и пошумување на потегот кај Парк шумата „Кале“ со нови дрвја и зеленило ќе се уредува овој простор. Тука се планирани се нови пешачки патеки, поставување соодветна урбана опрема, осветлување како и поставување видиковцки на најатрактивните панорамски локации.

Георгиески најави решение за уредување на зеленилото и просторот во непосредна близина на Билјанини извори, со што овој потег ќе стане атрактивно место за жителите и туристите.

Планираме идејно решение за парковско уредување на слободниот простор во близина на спортски центар Билјанини извори. Планирано е подигнување на нов дрворед, хортикултурно уредување на просторот, нови патеки, фонтани, урбана опрема и останати еко содржини. Исто така како што најавивме и претходно предвидуваме и уредување на нова парк зона во рамки на комплексот „Градски парк Касарна“, истакна Георгиески.

Тој додаде дека во насока на зголемување на зеленилото во градот планирано е реорганизирање и проширување на постојните зелени зони по должина на градскиот кеј и подигање на нови дрвореди на повеќе улици во центарот на градот и периферната област.

 

К.А.