Советниците на денешната дваесет и шеста седница на Советот на Општина Охрид  дадоа зелено светло за Предлог-програма за измена и дополнување на годишна програма за поставување на урбана опрема во Општина Охрид за 2023 година, Предлог-одлука за утврдување почетна цена за поставување на урбана опрема- покриени и непокриени шанкови со локации, Предлог-одлука за поставување урбана опрема- покриени и непокриени шанкови со локации на подрачјето на Општина Охрид за периодот од 2023-2026 година како и Предлог-одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за поставување урбана опрема и времени објекти и за утврдување на висината на надоместокот (закупнината) за 2023 година во Општина Охрид.

Одлуките и правилници за поставување на урбана опрема се во рамките на Годишната програма, а местата каде ќе се поставуваат се поделени во две зони, вели координаторот на советничката група на ВРМО ДПМНЕ, Перчо Божиновски.

Во однос на изработката на шанковите покриени и непокриени мора да биде запазен материјалот од кои ќе бидат изработени, односно да се дрвени или имитација на дрво, да не се наруши флората и фауната, односно да бидат запазени исте препораки од УНЕСКО.  Донесена е програма за урбана опрема и по ова ќе следи јавен повик во кој ќе биде прецизирано точно кои ќе бидат условите, цените, локациите, должината на шанковите, просторот…Сега дадовме зелено светло дека може да се постави урбана опрема. Не може да се оди поинаку поради тоа што не е донесен Планот за управување со крајбрежјето од Министерството за транспорт и врски. Во најбрз рок би требало да биде објавен и јавниот повик, додава Божиновски.

Ако во рок од овие три години се донесе Планот или други документи, Општината има право да ги прекини договорите пред истекот на рокот од тие три години, додава Божиновски.

Советничката од Левица, Виолета Аврамоска за дополнувањето на дневниот ред со овие точки истакна дека материјалите ги добиле доцна, потенцирајќи дека можеби целта била да се сокријат од јавноста посебно во делот на урбаната опрема со оглед дека се работи за уредување на плажите.

Советничката од СДСМ, Милена Грозданоска излезе со предлог точки да бидат одложени за седум дена за да можат да ги разгледаат дали се во согласност со законските измени.

Во однос на уредувањето на плажите за претстојната туристичка сезона, градоначалникот Кирил Пецаков пртеходно истакна дека план има, но додека не биде завршен неможе да изнесе детали, потенцирајќи дека за Охрид како град, плажите се од суштинско значење и претставуваат дел од туристичката понуда.

Н.С.Ј.