Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика Русија да се запре додека во текот на ноќта продолжи гранатирањето на украинските градови, по вчерашниот прв круг мировни преговори меѓу Русија и Украина.

Повеќе од 100 цивили веќе загинаа во руската војна во Украина, додека повеќе од 300 случајни минувачи се повредени, соопшти канцеларијата на високиот комесар за човекови права Мишел Бачелет. Меѓу загинатите има најмалку седум деца.

Украинската Влада соопшти дека бројот на цивилни жртви досега изнесува повеќе од 150, додека Русија ја отфрли идејата дека нејзините трупи кои напредуваат претставуваат закана за цивилите, пренесува ДПА.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш претходно изјави дека има „веродостојни извештаи за станбени згради, критична цивилна инфраструктура и други невоени цели кои претрпеле голема штета“, нарекувајќи ги смртните случаи меѓу цивилите „целосно неприфатливи“.

Држава што врши воени злосторства против цивили не може да биде членка на Советот за безбедност на ОН, рече Зеленски во видео порака, во молба Москва да биде исклучена од Советот на ОН каде што е постојана членка со право на вето.

Ова овде е Украина. Ова е Европа. Ова е 2022 година. Злото вооружено со проектили, бомби и артилерија мора веднаш да се запре. Економски да се уништи. Да се покаже дека човештвото може да се брани, рече Зеленски.

Тој ја повика меѓународната заедница да размисли за целосно блокирање на воздушниот простор за руските ракети, авиони и хеликоптери.

Американската Влада ги отфрли повиците за воспоставување зона на забранети летови над Украина, велејќи дека тоа ќе биде чекор кон директен конфликт меѓу САД и Русија.

Зеленски, исто така, рече дека Украина сè уште не го постигнала посакуваниот резултат во вчерашните мировни преговори меѓу украинската и руската делегација.

Русија ги презентираше своите позиции, ние дадовме контрааргументи за да се стави крај на војната. Штом делегацијата ќе се врати во Киев, официјалните лица ќе ги анализираат позициите и ќе одлучат како да се продолжи во вториот круг преговори, објасни Зеленски.

Двете страни идентификуваа голем број главни прашања за кои требаше да се донесат „одредени одлуки“, изјави за новинарите советникот на украинскиот претседател Михаjло Подољак по состанокот, кој траеше околу шест часа.

Зеленски, исто така, го окарактеризира гранатирањето на источниот украински град Харков како воено злосторство.

Дефинитивно ќе има трибунал за ова злосторство … Тоа е кршење на сите конвенции, рече тој.

Кулеба: САД ја уверија Украина дека ќе дадат поголема поддршка

Американскиот државен секретар Антони Блинкен вети дека ќе обезбеди поголема поддршка за Украина и ќе воведе нови санкции против Русија поради нејзината агресија.

Во нашиот телефонски разговор, секретарот Блинкен потврди дека поддршката на САД за Украина останува непоколеблива. Истакнав дека Украина копнее за мир, но сè додека сме под напад на Русија ни требаат повеќе санкции и оружје. Секретарот ме увери и во двете, објави на Твитер министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба.

Според него, двете страни ги координирале понатамошните чекори.

Претходно Кулеба го информираше Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија, за руското гранатирање на цивилната инфраструктура во градот Харков.

Укринформ: Руските трупи го гранатираа Охтирка, при што загинаа над 70 украински војници

Руските трупи го гранатираа малиот украински град Охтирка, во регионот Суми, од повеќекратните ракетни системи за лансирање Град, при што загинаа повеќе од 70 украински војници. Ова го соопшти шефот на регионалната воена управа на Суми, Дмитро Живицки, во објава на Фејсбук, пренесува Укринформ.

Воената единица во Охтирка претрпе силно непријателско гранатирање од МЛРС Град и, за жал, е целосно уништен. Повеќе од 70 војници се убиени. Има цивилни жртви. Блокадите се демонтираат сега и може да се најдат повеќе мртви војници под нив, соопшти Живицки.

Според него, од ноќта на 1 март состојбата на северот од регионот е повеќе или помалку стабилна, но градот Конотоп и понатаму е под опсада.

Закана од Москва: Сите кои испорачуваат оружје за Украина ќе сносат одговорност

Руското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека сите оние кои испорачале смртоносно оружје во Украина ќе одговараат доколку се употреби за време на руската воена операција во земјата.

Министерството додаде дека чекорите што ги презема Европската унија против Русија нема да останат без одговор.

Речиси сите европски земји најавија помош за Украина во оружје. Последната помош, по неутралната Финска, синоќа ја соопшти Норвешка, која уште од 1950 година се придржува до политиката да не испорачува оружје на земји кои не се членки на НАТО, се наоѓаат во војна или се загрозени од вооружени конфликти.

Норвешка ќе донира до 2.000 фрлачи на противтенковски ракети М72, се наведува во соопштението на владата.

Норвешка има строга политика во однос на извозот на воена опрема, но Украина сега се соочува со вонредни околности, изјави премиерот Јонас Гар Стоере.

Украина го предаде барањето за членство во ЕУ

Амбасадорот на Украина во Кралството Холандија, Всеволод Ченцов, утринава соопшти дека го доставил барањето на Украина за членство во ЕУ до Филип Леглис Бонс, постојан претставник на Франција во ЕУ, земјата која во овие шест месеци претседава со Советот на ЕУ.

Апликацијата е поднесена. Процесот е почнат, напиша Ченцов на Твитер.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, вчера го потпиша барањето за членство на Украина во Европската унија, изјави заменик-шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Сибига.

Кибер напад врз членка на НАТО може да ја активира клаузулата за колективна одбрана

Кибер напад врз земја-членка на НАТО може да го активира членот 5, клаузула за колективна одбрана, изјави претставник на НАТО. Воената алијанса со години јасно става до знаење дека сериозен кибер напад може да ја активира клаузулата, но таквото сценарио досега беше главно хипотетички.

Сојузниците, исто така, признаваат дека влијанието на значајните злонамерни кумулативни кибер активности може, во одредени околности, да се смета за вооружен напад. Нема да шпекулираме колку сериозен треба да биде кибер нападот за да се активира колективен одговор. Секој одговор може да вклучува дипломатски и економски санкции, кибер мерки или дури и конвенционални сили, во зависност од природата на нападот, рече тој.

Дали кибер нападот достигнува доволно висок праг за да го активира членот 5 ќе биде „политичка одлука што мора да ја донесат сојузниците на НАТО“.

Велика Британија и САД предупредија на потенцијални кибер напади врз Украина кои би можеле да имаат меѓународни последици доколку, на пример, малициозен софтвер дизајниран да таргетира мрежи во Украина почне да се шири на друго место.

Претседателот на Комитетот за разузнавање на Сенатот на САД, Марк Ворнер, рече дека нема јасни насоки за тоа како НАТО треба да одговори доколку се случи таков напад.

Градоначалникот на Херсон потврди дека руската војска е пред влезовите на градот

Руската армија е пред портите на украинскиот град Херсон, на југот на земјата, изјави денеска градоначалникот Игор Коликаев.

На влезовите во Херсон руската армија постави контролни пунктови. Тешко е да се каже како ќе се развива ситуацијата, напиша Коликаев на Фејсбук.

Тој додаде дека Херсон е украински град и така ќе остане.

Херсон ќе се спротивстави! Јас сум во мојата канцеларија за да ги координираме службите за да можете да се разбудите во релативно тивок град, додаде тој, барајќи од жителите да останат мирни и внимателни и да не излегуваат за време на полициски час.

Не водете агресивни разговори со никого и не предизвикувајте конфликти со неистомисленици… ова не е битка, ова е војна. А војната се добива со разумни постапки и ладни глави, заклучи тој.

На социјалните мрежи се прикажуваат снимки како руските сили влегуваат во градот со 290.000 жители. Русија во четвртокот почна инвазија врз Украина.

OhridNews

извор. МИА