Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС, предупредува дека може да настане хаос во локалните самоуправи и јавните претријатија доколку итно не се донесе законско решение со кое ќе се пролонгира мандатот на градоначалниците и на советите, кој истекува на 14-ти мај.
– Нити еден градоначалник не сака да носи одлуки кои не се Законски поткрепени. ЗЕЛС е во контакт со сите градоначалници и советници и нивниот став му е познат, а тој е дека се додека не се создадат соодветни Законски предуслови, градоначалниците и Советите нема да носат одлуки, затоа што во спротивно ризикуваат дека преземаат противнправно поведение. Притисокот е дотолку поголем што правото на локална самоуправа претставува право на граѓанинот утврдено со Устав. Не е дозволено да се ограничува ова право на граѓанинот.- изјави претседателот на ЗЕЛС Коце Трајаноски.
Законската рамка со која се уредува прашањето на траењето на мандатот на членовите не советот и градоначалниците се Законот за локалната самоуправа и Изборниот Законик, како и Уставот на Република Македонија. Со членот 35 од Законот за локалната самоуправа се утврдува дека членовите на советот се избираат за време од 4 години, сметано од денот на преземањето на функцијата со акт на државната изборна комисија. Но со членот 49 од истиот Закон се утврдува дека градоначалникот се избира секоја четврта година на непосредни избори. Со членот 52 од истиот Закон се утврдува рокот од 7 дена за преземање на должоста на новоизбраниот градоначалник од актуелниот. Сакаме да укажаме и на Изборниот Законик со кој се утврдува дека локалните избори ги распишува Претседателот на Собранието и истите треба да се одржат во првата половина на месец мај, појасни Трајаноски.
-Министерството за локална самоуправа и Министерството за правда го известија ЗЕЛС во текот на месец март дека применувајќи ги одредбите на Изборниот Законик, мандатот се смета дека треба да престане на 15 мај оваа година.Постапувајќи по оваа толкување издадено од овие два органи на управата, нашиот страв е дека ќе настанат последици по нормалното функционирање на локалната самоуправа, односно истата нема да може да ги извршува своите функции со оглед дека нити Советот ќе носи одлуки, нити градоначалникот ќе има право истите да ги спроведува или да одлучува за права и обврски кои му се утврдени како надлежност со посебни Закони.- рече Трајаноски
Доколку не се изнајде брзо решение за проблемот наскоро општините нема да можат да издаваат градежни дозволи, градежното земјиште, со кое управува локалната самоуправа, веќе нема да се оттуѓува или дава под закуп, околу 5000 вработени во локалната самоуправа нема да примаат плата, околу 10000 вработени во јавните општински претпријатија нема да примаат плата, околу 30000 вработени во основното и средното образование нема да примаат плата. Исто така ќе се доведат во прашање функционирањата на општински јавни установи и тоа сите културни, образовни институции на локално ниво, противпожарна служба, како музеи, театри, домови на култура, спортски објекти, золошки градини и слично, нема да можат да се склучуваат бракови во државава и ќе престанат сите започнати и ќе се запрат планираните инвестиции, како во инфраструктурата на општините, така и во сите други објекти кои се надлежност на локалната самоуправа, нема да може да се врши исплата на комуналии како струја, вода и слично во сите институции на локално ниво, што ќе значи дека истите институции, а пред се градинките и училиштата ќе треба да се затворат а децата да се испратат дома, ќе се стопира развојот на бизнисите и фирмите, затоа што нема да се издаваат Б интегрираните дозволи, нема да има улично осветлување заради тоа што за истото се грижи локалната самоурава, а многу културни манифестации ќе се откажат.
-Заради се ова, ЗЕЛС апелира и сугерира Парламентот на Република Македонија, итно и без одлагање, а најдоцна до петок оваа недела, да изнајдат решение за оваа состојба за да не се доведат граѓаните во положба која никој не ја посакува. Една од можностите е измена на Изборниот законик, наместо прва половина на мај да се утврди нов датум за одржување на локалните избори.-додаде Трајаноски.
До Уставниот суд на Република Македонија е доставена иницијатива од Министерството за локална самоуправа за да се разгледаат одредени членови на Изборниот законик и Законот за локална самоуправа, а во однос на мандатите на градоначалниците и претставниците на општинските советници.
OhridNews