Ново лето стар проблем. Дел од населбите во градот се соочуваат со намален притисок на вода од системот за водоснабдување, а шпицот на сезоната уште не почнал. Според Јавното претпријатие „Водовод“ проблемот е во неодговорното однесување на граѓани кои водата од системот за водоснабдување ја користат за наводнување и други активности.

Поради реакции на граѓани од недостиг на вода за пиење, ЈП Водовод Охрид испраќа апел до сите корисници посебно во населбите од околината на Општина Охрид каде што има земјоделски површини, во најавениот период со зголемени температури да не се злоупотребува водата од водоводната мрежа, за наводнување на паркови и земјоделски насади. – стои во соопштениот на ЈП „Водовод Охрид.

Останува отворено прашањето дали и колку се контролира (зло)употребата на водата за пиење, дали се санкционираат прекршителите и дали не е потребно сериозно модернизирање на водоводната мрежа со софистицирани решенија за контрола на потрошувачката на вода, со што конечно совесните граѓани кои редовно ги плаќаат сметките за вода и рационално ја користат ќе бидат рамноправни со тие кои не плаќаат и ја злоупотребуваат водата, а на кои неретко со несфатливи социјални мерки им се простуваат сите долгови. Ова е дотолку неопходно како и потребата од вистински реформи на јавните претпријатија кај нас, кои наместо алатка за партиски вработувања треба конечно да станат сервис на граѓаните.

Г.М.