Во рамките на проектот „Промовирање на земјоделството со високи природни вредности и агро-еколошки плаќања преку граѓанските организации”, вчера во с. Орман во организација на ЕД „Грашница“ се одржа отворен ден со земјоделците.


На настанот присуствуваа земјоделци, производители на традиционална храна, собирачи на лековити билки и заинтересирани граѓани. Се дискутираше за земјоделските практики кои се практикуваат во охридскиот регион од аспект на концептот на земјоделие со високи природни вредности и заштита на биолошката разновидност. Беа истакнати прашањата околу испитување на почвата и нејзино загадување како и загадување на водите како резултат на прекумерна и стихијна употреба на минерални ѓубрива и пестициди. Беше потенцирано и дека изменетите еколошки услови во изминатите две децении придонеле за драстично намалување на рибниот фонд во Коселска река.


На средбата се дискутираше и за начинот на собирање лековити и ароматични растенија и печурки. Беа презентирани дел од овие билки кои претставуваат голем потенцијал доколку се собираат на стручен и одржлив начин. Од повеќето заклучоци, се наметна оној дека концептот на земјоделието со високи природни вредности треба да се промовира повеќе. Нашето здравје и здравата природа зависат од мерките кои ќе се преземат за  популаризирање на здравиот начин на производство на храна. На крајот дискутантите вкусија традиционални специјалитети приготвени од домаќинките Љупка Стојаноска, Јованка Димоска и чичко Илија од с. Орман.

OhridNews