Паричната помош од оваа програма важи за три мерки: Зголемување на конкуретноста на земјоделското производство, Мерки за унапредување на животната средина во руралните предели и Подобрување на квалитетот на живот и поттикнување на економски активности. Од Буџетот на Република Македонија за оваа намена се обезбедени околу 700 милиони денари или околу 11,4 милиони евра.
-Најголемиот дел од овие средства ќе бидат наменети за инвестиции за модернизација на земјоделските стопанства. Понатаму, ќе се финансираат инвестициите во инфраструктура за развој на земјоделството, шумарството и водостопанството, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски производи, помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност, помош за обука на земјоделците, за здружување на земјоделците, унапредување на животната средина, подобрување на квалитетот на животот во руралните средини и слични активности, стои на веб страницата на Агенцијата за потикнување и развој на земјоделството на Република Македонија.
Во јавниот оглас за аплицирање за оваа програма пишува дека еден барател може да поднесе најмногу две поединечни барања по различни мерки, односно под-мерки. Финансиската поддршка ќе се исплаќа по принцип на ко-финансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции.
За потребните обрасци и инфорамциите за условите за аплицирање, земјоделците ќе може да се обратат во Подрачната единица на Агенцијата за потикнување и развој на земјоделството во Охрид.