Вкупните штети од серијата земјотреси што ова лето го погодија Охридскиот регион изнесуваат 58 милиони денари, соопшти денеска Општинската комисија за проценка на штети.
-До општинската комисија поднесени се 854 барања за проценка на штети, 802 за индивидуални објекти и 52 за деловни објекти. Штетата кај индивидуалните објекти изнесува 48 милиони денари, а кај деловните 9 милиони денари, изјави Раде Велјаноски, претседател на Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди.
Извештајот на Оштинската комисија денеска го разгледува советот на Охрид, по што истиот ќе биде испратен до соодветната владина комисија, која во рок од 6 месеци треба да се произнесе по него, по што ќе следи исплата на штетите.
– Штетите од земјотресот во Охрид се од прва, втора и трета категорија и така ќе оди исплаќањето. Прва категорија се објекти со оштетувања, но во кои може да се живее, втора категорија се објекти кои претпрпеле поголеми штети, а трета категорија се објекти каде нема услови за живеење. Такви објекти има вкупно 11 во Косел, дел во стариот град и на улиците „8-ми Септември“ и „Јане Сандански“. За дел од нив извршена е проценка од страна на Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија – ИЗИС, а дел ќе бидак предмет на контрола која ќе се изврши идната недела. – појасни Велјаноски.
Од јавните објекти за еден објект на градинката има препорака да се стави вон употреба до негово соодветно санирање.
Според надлежните иако земјотресите не можат да се предвидат, состојбата анализирана од научен апсект укажува на смирување на тлото во Охрид.
– Од она што во праксата е покажано и Сеизмолошката опсерваторија и ИЗИС сметаат дека нашиот регион оди кон фаза на целосно смирување на тлото, бидејќи тие 1300 земјотреси се минато, а и оној период на полека стабилизирање на тлото со се помали и развлечени потреси е речиси завршен. – вели Митко Темелкоски од Центарот за управување со кризи.
Темелкоски истакна дека при последната елементарна непогода системот за управување со кризи соодветно реагирал, а сите чинители, вклучително и медиумите, одговорно ја извршиле својата општествена задача.
Г.М.














