Екипите на Зенит и Реал Сосиедад се стекнаа со капитална предност во однос на опонентите, во првите мечеви од плејофот за пласман во Лигата на шампиони. Блиску до пласман во елитата се и екипите на Шахтјор Караганди, Милан и Викторија Плзен.


Зенит, против дебитантот во Лигата на шампиони, Пасош Фереира, победи со 4-1 и реваншот на домашен терен го направи формалност. Три гола за Зенит постигна рускиот репрезентативец Широков.


Реал Сосиедад го изненади Лион на „Жерлан“ победувајќи со 2-0. Екипата од Сан Себастијан поведе со спектакуларниот гол на Гризман, а победата ја потврди Сеферовиќ.

ПСВ и Милан во Ајндховен одиграа без победник 1-1, гостите први постигнаа гол преку Ел Шарави, а во второто полувреме израмни Матавж.


Викторија Плзен со 3-1 го победи Марибор во чии редови играше Агим Ибраими. Чешкиот првак поведе со 2-0 со головите на Чишовски и Дарида, потоа Марибор намали преку Мејач, а Дураш во 90-та минута и донесе убава предност пред реваншот на својата екипа.

Казахстанскиот шампион Шахтјор Караганди приреди уште една сензација, откако со 2-0 го совлада Селтик Екипата, која според трансфермаркет вреди само пет милиони евра, на таа сума е проценет играчот на Селтик Браун, победи со головите на Финоченко и Кижниченко.

„Макфакс“