Моментално се хоспитализирани 40 пациенти и скоро се полни инфективното и интерно одделение во Општата болница во Охрид. Дневно се вршат до 180 прегледи, што алудира на тоа дека имаме голема фреквенцијата на прегледи, вели директорот на болницата Горан Балевски.
Голем дел од хоспитализираните се лица на постара возраст и со дополнителни коморбидитети, што е и причината за нивната хоспитализација. При амбулантските прегледи на помладите пациенти нема индикации за хоспитализации. Сега сме во пик на пандемијата, оптовареноста на болницата е максимална, со ротации пробуваме да го надоместиме недостатокот на персонал, вели Балевски.
Додава дека има доста и медицински персонал кој е заболен и со лесна клиничка слика, но сега засега можат да функционираат. Ако се зголеми бројот на хоспитализации, вели, во системот ќе се вклучат и ЈЗУ Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – „Св. Стефан“ и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св Еразмо“, како што беше и порано.
Неможе никој да предвиди како ќе се одвива понатаму пандемијата, но ние како болница веќе две години се бориме со сите капацитети и средства да помогнеме или колку може повеќе да одговориме на барањата на Охрид. Модуларната болница се уште не е ставена во функција, зошто имаше појава не некои кондензати, не е вклучена во целиот систем на ковид, но и немаме доволно персонал за истата. Ако се зголеми бројот на лица кои треба да се хоспитализираат, секако со препораки од Министерството за здравство ќе ја вклучиме, додава Балевски.
Секоја болница мора да е подготвена за прием на пациенти, но сега засега нема потреба. Пациентите кои се со патологии од другите болници да можат да ги примат во истите вели Балевски и додава дека околку 70% од хоспитализираните пациенти се невакцинирани, но има и процент на вакцинирани.
Н.С.Ј.













