Бројот на дијагностицирани на КОВИД-19 од почетокот на епидемијата во земјава надмина 47 илјади (47 050) со најновите 990 потврдени во вчерашната статистика за поминати 24 часа. Починати досега се 1305 луѓе. Во истиот период во Охрид регистрирани се 1155случаи, а со вчерачните нови 39, активни се 535.

Во последниот извештај Министетството за здравство соопшти дека битката со опасниот вирус во претходното деноноќие ја загубиле 24 пациенти на возраст од 41 до 86 години. Регистрирани се и 382 оздравени, со кои досега излекувани се вкупно 27 364.

Министерството за здравство вчера соопшти дека 1111 пациенти заразени со КОВИД-19 се лекуваат во болниците низ земјава. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. Поради напливот на пациенти се мобилизира медицински кадар од сите дејности, специјалисти од други области, пред сè интернисти, им помагаат на инфектолозите во лекување и третман на пациентите на КОВИД-одделите.

Министерот Венко Филипче вчера рече дека со недостиг од медицински кадар се соочуваат болниците во целата земја и во овој момент нема невработен или неангажиран лекар.

Се испразнија интерните одделенија на клиниките во Скопје и сега интернистите заедно со пулмолозите и антестезиолозите работат и ги лекуваат овие пациенти. Нема невработен или неангажиран лекар во нашата држава. Сите млади лиценцирани лекари уште пред неколку месеци се вклучија преку платениот стаж, тоа беше политика на здружување на младите лекари во земјата која ја пропагиравме. Тие се практично веќе вклучени и помагаат секој во одредена област. Студентите од шеста година, исто така, во делот на епидемиологијата, сите здравствени работници се максимално ангажирани и помагаат според распоредот, според системот на тимови кој го направивме секаде каде што се лекуваат пациентите од КОВИД, изјави Филипче.

Наведе дека во овој момент сè уште нема потреба да се намали интензитетот на работа и закажување преку системот МојТермин, но здравствените власти се подготвени и сериозно да се редуцира другата работа на лекарите и за тоа, рече, има план во болницата „8 Септември“ и во другите клиники, со цел уште поголем број лекари да им помогнат на своите колеги во третманот на КОВИД-пациентите.

По состанокот што го имал со приватните лекари, рече, десетина се пријавиле да помагаат во справувањето со КОВИД-19, така што сè уште нема потреба да се ангажираат пензионирани лекари, како што веќе прават некои земји кои се соочуваат со недостиг на кадар.

И покрај големиот број приеми во текот на претходниот ден, слободни места има доволно во КОВИД–центрите на интерните клиники, посочи Министерството за здравство, а се очекуваат и дополнителни места по исписите на оздравени пациенти. Во однос на пополнетоста на КОВИД-центрите во болниците низ земјава, Министерството за здравство вчера соопшти дека се лекуваат 565 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот.

Во болниците во внатрешноста има околу 90 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла, информираше Министерството, додавајќи дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

Со реакција вчера се огласи Здружението по општа и семејна медицина поради тоа што во некои медиуми одговорност и вина се бара од матичните лекари за зголемениот број компликации и хоспитализации кај пациенти во овој период. Здружението во дописот соопшти дека од почетокот на пандемијата се конструктивни во предлагање решенија за проблемите со вирусот, се обраќале до Комисијата за заразни болести, во која нема претстатвник матичен лекар, како и до министерот за здравство, но дека одговори не добиле.

Ставени сме во позиција одговорно да ги спроведуваме одлуките и протоколите донесени од Комисијата, која нема увид во обемот и тежината на работата на матичните доктори, чија улога е да бидат први и последни во грижата за здравјето на своите пациенти, наведе Здружението по општа и семејна медицина.

OhridNews
Фото: Миа