Се зголемува износот на надоместокот за трошоци за престој на деца во ЈОУДГ „Јасна Ристеска“. Советниците на денешната одржана седма седница на Совет ја изгласаа одлуката за зголемување од 500 денари.

Во врска со оваа предлог одлука ќе бидам реална и нема да кажам дека ова зголемување не е економски неоправдано. Како што видов од материјалот за седницата, последното покачување од 1490 денари било во 2004 година, но во низата зголемувања на услугите во изминатиот период од неколку години, поскапување на водата, гробарината, сите други комунални услуги, како и секојдневните ценовни шокови на храната, а особено поскапувањето на струјата и енормно високите јануарски сметки за струја, ова зголемување, па нека е и за 500 денари, особено ќе го погоди буџетот на работничките семејства кои со минималната плата од 24 000 денари одвај преживуваат. Ме интересира дали има семејства кои се ослободени од плаќање на надомест за престој на децата во градинка?, праша советничката Виолета Аврамоска.
Директорката на градинката Ирина Милеска посочи дека од октомври 2025 година Установата е дел од проектот за инклузија на Ромите во предучилишно образование и ромската популација е ослободена од плаќање на партиципација во детските градинки во Република Македонија.
Ние како градинка сме обврзани пет семејства кои имаат деца Роми од предучилишна возраст да ги ослободиме од партиципација во текот на годината. Така што таа детска градинка само во тоа сме вклучени во тој проект. Тоа е од Владата на Република Македонија. Ние за прв пат се приклучуваме во овој проект, веќе во другите градови функционира. Сега, засега во нашата градинка имаме едно семејство од ромска популација кое го носи своето дете, но има услови за партиципацијата за учество на децата треба да се приматели на гарантирана парична помош. Тој документ, ние како институција се обративме до Центарот за социјални грижи, тоа семејство не земаат, односно не учествуваат во загарантирана парична помош, додаде Милеска.
Советничката Аврамоска предложи самохраните родители како и семејства од кои едниот родител е вработен до износ на минимална плата да се ослободени од плаќање надомест за децата.
Јас ја разбирам вашата грижа за нашите сограѓани, меѓутоа не знам колку сте запознаени дека во градинка одат деца чиишто родители треба да донесат потврди дека се во редовен работен однос. Значи, тоа се сите деца на родители коишто се вработени и на коишто ваквото покачување мислам дека не им е никаков проблем, освен тоа што и сами кажавте, цената не е зголемена повеќе од дваесет години. Така што она што го кажувате, дека едниот родител работи, другиот не, не може овде да помине, затоа што воопшто нема такви случаи во моментов. Во однос на другиот ваш предлог за самохрани родители, еве директорката е тука ќе достави кај мене список колку случаи имаме такви и кога ќе планираме буџет за субвенционирање на граѓаните за сметките за јавни услуги може следно да ја предвидиме и услугата од градинката. Ќе изнајдеме начин да излеземе во пресрет не да има целосно ослободување, туку да има некое субвенционирање, како што правиме за сите за јавни услуги во секоја општина, рече секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.
Со поскапување на оваа услуга директно влијаеме на семејниот буџет на семејствата, имајќи ја предвид целокупната економска состојба, како и се понискиот животен стандард, рече советникот Иван Димкоски.
Сметам дека градинката претставува социјална установа, непрофитна установа и ние треба да се стремиме кон, ајде можеби во овој момент не, но во иднина целосно ослободување од пресметка на тој износ за дневен престој на децата. За таа цел јас и архивски, но и на седница, еве сега од оваа говорница предлагам амандман од субвенционирање на 500 денари на секое дете, таксативно, без исклучок, без да правам квалификација и категоризација на семејствата, затоа што, пак ќе спомнам дека суштината на оваа прелиминарна институција е од особено значење за сите нас. Предлагам 500 денари субвенционирање за секое дете, за оние деца кои активно ја користеле услугата во тековниот месец. А средствата предлагам да бидат од 7 милиони на годишно ниво, посочи.
Китески истакна дека амандман не се прифаќа, а Охрид е општина која што е меѓу последните што ја зголемува цената на услугите во градинката.
И не станува збор за некое драстично зголемување, со оглед на тоа што знаеме дека цените на се се зголемени, така да има потреба градинката и од покачување на оваа услуга, дури не само што последна ја зголеми цената на услугите, туку и ние сме меѓу општините во кои што сè уште се плаќа најнизок надоместок за услугата која што ја издава градинката. Сметам дека вашиот амандман и вашиот предлог е сосема неискрен и за добивање некакви ситни поени. Меѓутоа, ние ќе ја донесеме оваа одлука и сметам дека граѓаните ќе ја разберат потребата од носењето на ваквата одлука, додаде Китески.
Н.С.Ј.
















