Во анкетата спроведена помеѓу 28 октомври и 1 ноември, учествувале 1.119 испитаници, од кои 23,9 отсто довербата и ја дале на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, додека 13,6 отсто од испитаниците одговориле дека би гласале за СДСМ, доколку изборите се одржат утре.
Од анкетата произлегува дека разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ е над 10 отсто, додека на последните избори, таа изнесуваше помалку од седум отсто.
Од ИПИС укажуваат дека вакво зголемување на рејтингот на власта во однос на опозицијата било карактеристично и по претходните изборни циклуси.
Сепак, најголем дел од испитаниците, односно 26,5 отсто не дале одговор за кого би гласале, а исто така висок процент од 22,2 отсто не ја дале довербата ниту на една од партиите.
Коалициониот партнер во владата од албанскиот блок ДУИ, има поддршка од 7,5 отсто од испитаниците, додека опозиционите ДПА и НД добиле 3,8, односно 1,3 отсто.
Најпопуларен политичар и натаму е премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој ја ужива довербата на 23,9 отсто од гласовите, додека за лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски се изјасниле 8,1 отсто од испитаниците.
За најголем дел од анкетираните-30,5 отсто, ниту еден политичар не е популарен, а 17 отсто не дале одговор. Лидерот на ДУИ Али Ахмети има доверба кај 7,4 отсто од анкетираните, додека првиот човек на ДПА, Мендух Тачи се изјасниле 3,8 отсто. Радмила Шекеринска е најпопуларна за 2,5 отсто од испитаниците.
Речиси половина од анктеринатите, или 49,6 отсто позитивно ги оцениле првите 100 дена од работењето на новата влада, 36,7 се незадоволни, а 13,7 отсто се без одговор.
Поголем процент од анкетираните сметаат дека оваа влада е реформска и дека ќе ги исполни ветувањата, додека од кадровскиот избор задоволни се 42 отсто, наспроти 39 кои имаат спротивно мислење.
И натаму огромен процент на граѓани на Република Македонија се за членство во ЕУ, иако е забележано одредено намалување на европодржувачите.
За влез во ЕУ се изјасниле 77,5 отсто, додека на почетокот на годината поддршката изнесувала 83,7 отсто.
Промена на името како услов за влез во ЕУ и НАТО би прифатиле само околу 30 отсто од граѓаните, додека 63 отсто не прифаќаат промена на името за меѓународна употреба.
Околу 70 отсто од граѓаните сметаат дека била исправна реакцијата на владата за изоставувањето на придавката „македонски“, како и дека биле на место писмата упатени до еврокомесарот Штефан Филе.
Околу 45 отсто од анкетираните ја оправдуваат постапката за прекин на пописот, додека 40 отсто сметаат дека тоа било погрешен чекор. Речиси 46 отсто од граѓаните сметаат дека нема слобода во медиумите, а 40 проценти сметаат спротивно.
Дека Македонија се движи во позитивна насока се изјасниле 47,5 отсто испитаници, а 35,5 отсто го мислат спротивното.
извор:„Макфакс“