Изминатото деноноќие паднаа врнежи од дожд кои беа пообилни во западниот дел од земјата, информира Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија – УХМР.

Според податоците од метеоролошките станици до изутринава во 07:00 часот за 24 часа вкупните наврнати количини на дожд се следни: Маврово 36 мм, Пожаране 31 мм, Крушево 14 мм, Тетово 13 мм, Охрид 9 мм итн. На повисоките места и планините врнежите беа во вид на снег додека во пониските поради затоплувањето на времето беа во вид на дожд. Овие врнежи заедно со растопениот снег предизвикаа зголемување на водостоите на реките во западниот дел на земјата, велат од УХМР.

Од хидролошките станици низ земјава изутринава добиени се податоци за зголемени водостои на р.Вардар (во нејзиниот горен дел), р.Треска, р.Радика, р.Сатеска, р.Црн Дрим и р.Црна. Во текот на денешниот ден се очекува да продолжат да бидат високи водостоите во посочените сливни подрачја во западниот дел на земјава.

Иако до крајот на денот не се очекуваат нови поголеми врнежи од дожд, поради топлото време и високите температури на воздухот, снегот ќе продолжи да се топи и влажноста во земјата ќе биде доста голема така што се очекува и понатаму да останат високи водостоите на реките особено во западниот дел на земјата а на поедини рамничарски места можна е појава на заезерувања.Исто така, во наредниот период се очекува и зголемување на нивото на подзменте води. Можни се локални излевања на реките во сливот на р.Треска (кај месноста Пласница), во горниот дел од сливот на р.Вардар (Полошката Котлина), како и во сливовите на р.Радика, р.Сатеска, р.Црн Дрим и р.Црна. Поради големата влажност на почвата и натамошното топење на снегот предупредуваме за внимателно следење на состојбата и претпазливо движење покрај реките и суводолиците, предупредува УХМР.

OhridNews