Зголемена поддршка за алпинизмот и за сите општествено-корисни иницијативи во кои волонтерски учествуваат алпинистите најави министерот за спорт Борко Ристовски при посетата на Алпинистичкиот клуб Патагонија-Охрид и Тренинг-центарот на Планинската спасителна служба Охрид кој воедно е и седиште на НСПС – Национален сојуз за планинско спасување, каде се спроведува едукација и обука на спасувачи од целата држава.
На средбата присуствуваше и градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков, долгогодишен поддржувач на алпинизмот во Охрид и на хуманата мисија која алпинистите ја реализираат преку Планинската спасителна служба.
Претседателот на клубот Антонио Додевски кој воедно е и претседател на Националниот сојуз за планинско спасување и член на Управниот одбор на Македонската алпинистичка федерација ја истакна важноста на алпинизмот како спорт кој има и силен општествен придонес.
Покрај спортските вредности, алпинизмот има значајна улога во заштитата и безбедноста на посетителите во планинските предели, како и во развојот на авантуристичкиот туризам. Токму преку ангажманот на алпинистите од МАФ, низ повеќе од 20 години посветена работа и обуки, се воспоставија национални стандарди за водичи и спасувачи, кои денес се меѓународно признати преку членството во организациите UIMLA и ICAR. Овие стандарди претставуваат основа за безбедно движење во планина и брза, ефикасна интервенција при несреќи, посочи Додевски.
Алпинистите од клубот и волонтерите во ПСС му ја презентираа на министерот Ристовски инфраструктурата, опремата и возилата со кои располага службата, како и важноста на континуираната поддршка од општината, која е клучна за одржување на оперативната подготвеност, но и за унапредување на спортската дејност.
OhridNews