Зголемување на површините со трска долж крајбрежјето на Охридското Езеро е забележано при теренските истражувања спроведени од страна на тимот на Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина – Регионален зелен центар Охрид во рамки на проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“ .
Иван Малезанов, координатор на проектот вели дека оваа активност претставувала голем предизвик за нив, со оглед на тоа што после повеќе од 10 години се прави ново документирање на појасите со трска.
Во споредба со постарата документација која ни беше достапна, може да се забележи зголемување на површините со трска од с. Подмоље до Свети Наум Охридски. Особено би сакал да го издвојам подрачјето с. Подмоље – Охрид, како подрачје каде што проширувањето на трската е навистина изразено и во езерото и на самиот брег, додава Малезанов.
Целта на овие теренски истражувања е ажурирање на постоечките податоци од 2011 година за појасите на трска во Охридското Езеро на територија на Општина Охрид.
Тоа е првиот чекор кон креирање на извештајот за моментална состојба на појасите на трска и предлог- иницијативата за промена на степенот на законска заштита, кои пак, се основата за понатамошна разработка на план за управување со ваков тип на природно наследство, велат од Здружението.

Вакви иницијативи сметам дека се од голема важност и треба почесто да се превземаат бидејќи на тој начин може да се пристапи кон навремено и правилно управување со ова наше природно наследство кое е од огромно значење за езерото, потенцира Каневчев.
Во периодот од 15.09.2022 до 17.10.2022 биле спроведени 12 денови теренско истражување. Во 8 од тие денови се спровеле комбинирани теренски истражувања, од вода со пловен објект и од копно со теренско возило.
Останатите 4 денови се спроведоа копнени теренски истражувања. Се изврши лоцирање и евиденција на сите појаси на трска долж крајбрежјето на Охридското Езеро на потегот од с. Подмоље до Св. Наум, се водеа дневни забелешки за моменталната состојба на секој од појасите (мерење на површината, дали појасите се проширени или намалени и сл.), се прибираше фото и видео материјал се со цел спроведување на идните предвидени активности и изработка на предвидената документација како финален продукт од овој проект. Голем придонест во оваа активност имаа членовите на РЗЦ Охрид, тимот за логистика од два волонтери од партнерската организација ИПО Крсте Јон- Струга и експерт од НУ Хидробиолошки Завод Охрид, велат од Здружението.
Исто така, во текот на овој еден месец се собирал фото и видео материјал кој послужил за изработка на продукти од едукативно- информативен карактер кои ќе бидат достапни за пошироката јавност, додаваат од Здружението.
Проектот “Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро” на Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина РЕГИОНАЛЕН ЗЕЛЕН ЦЕНТАР ОХРИД, се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
OhridNews














