Зголемувањето на цените на материјалите кои се користат при активности за заштита на недвижното културно наследство ќе предизвикаат проблем во реализацијата на одредени проекти од Годишната програма на НУ Завод и музеј Охрид. Според директорот на установата Мишко Тутковски цените на одредени материјали се зголемени, двојно, па и тројно.

Се соочуваме со проблем на зголемување на цените, кои ќе предизвикаат големи проблеми во реализацијата на одредни проекти, посебно на они кои се однесуваат на заштитата на недвижното културно наследство, бидејќи цените се навистина драстично зголемени за некои материјали имаме дури и двапати, па и трипати поскапи цени отколку пред неколку месеци, истакна Тутковски.

Директорот изрази надеж за стабилизрање на состојбата и можност за што подобра реализација на предвидените проекти.

Ние сме планирале дека со одредена сума ќе завршиме дел од работите, сега излегува дека нема да можеме и ќе треба да намалуваме многу. Ситуацијата не е сеуште стабилна, се надевам ќе се стабилизира и ќе можеме подобро да ги реализираме сите проекти. Но, ете некако сеуште нема никаква најава за стабилизирање на цените на производите, кои растат од ден на ден, додаде Тутковски.

Инаку, според Годишната програма која е одобрена од Министерството за култура проектите од областа на заштитата на недвижното културно наследство од програмата на НУ Завод и Музеј Охрид се финансирани со 10.580.000,00 денари.

За музејската дејност се издвоени 1.313.000,00 денари, а за галериска и меѓународна дејност се одобрени 340.000,00 денари. Со Годишната програма е предвидена реализација на вкупно 30 проекти.

Н.С.Ј.