Вирови со вода, кал, ризик да се помине, а и можност да се падне. Ваква е сликата на патеките низ градските гробишта во Охрид при врнежливо време со оглед дека периодов се одвиваат градежни активности.

Граѓаните реагираат за состојбата. Велат недозволиво е да не се преземе нешто привремено додека во тек се градежните работи, да се обезбеди некој соодветен пристап со оглед дека се гази низ кал и вода. Отежнато беше движењето и за Задушница кога дополнително и фрекфенцијата на луѓе беше поголема.

Од ЈП Градски Гробишта се надеваат дека ќе наидат на разбирање од страна на граѓаните, бидејќи, како што, велат се работи на подобрување на инфраструктурата на гробиштата кои се протегаат на голема површина, а сето тоа е во интерес на сите.

Во овој и во наредниот период ќе се работи на два големи капитални проекти и тоа поставување на атмосферска и фекална канализација со што ќе се реши деценискиот проблем со кој се соочува јавното претпријатие, а веднаш потоа ќе се пристапи кон асфалтирање и партерно уредување на пристапните патеки низ гробиштата. Работните активности во овој период ги извршува јавното претпријатие Нискоградба, по налог на Општина Охрид и истите се извршуваат секојдневно, со исклучок во деновите во кои временските услови се неповолни и не дозволуваат работа на терен, посочуваат од ЈП Градски гробишта.

Со оглед на тоа дека градежните активности се изведуваат во повеќе фази и опфаќаат поголем обем, во овој момент, велат не се во можност да посочат точен датум на завршување на истите.

Што се однесува до привремено решение за соодветен пристап до гробиштата, уверуваме дека веќе се преземаат мерки и активности за уредување на главниот влез и пристап до христијанскиот дел на гробиштата, додека пак влезот од страна на муслиманскиот дел е обезбеден, пристапен и отворен за сите граѓани, информира јавното претпријатие.

OhridNews