Покрај талентот и потенцијалот, во процесот на развој на еден спортист, значајна улога играат тренерите и нивната едуцираност, но и ресурсите и условите за работа. Ресурсите и условите за работа, посебно се важни за спортовите во затворен простор, кои се чувствителни и динамични, како никој од другите спортови.

Охрид како град уште од порано бил расадник на успешни спортисти во сите спортови, но најмногу се издвојувале од пливањето. Охридските пливачи се најпознати презентери на градот во македонски и светски рамки, а и најголемиот спортски настан кој се организира во нашиот град, е Охридскиот пливачки маратон, кој години наназад ги носи најголемите имиња во светското пливање. Градот моментално не може да се пофали со (успешни) пливач/и, а и нема како, затоа што ресурсите и условите за работа не се ниту оптимални, бидејќи немаме затворен пливачки базен, каде што талентот и потенцијалот ќе се бруси секојдневно. Летото е премал период за тренирање и создавање на пливачи, кои потоа речиси девет месеци треба да се снаоѓаат како знаат и умеат за тренинг.

„Тагата и болката“ за затворен пливачки базен кај охриѓани не се нови, туку се стари пет децении или точно 52 години. Легендата на охридското пливање Александар Леко Радиќ, прашан од доаенот на македонското спортско новинарство Атанас Костовски во специјалната емисија „Седма патека“, како да се очекуваат охридски пливачи со врвни резултати во тогашна Југославија, тој рече: „За четири или пет години ние многу ќе се подобриме, но за нешто повеќе во рамки на Југославија без зимски базен, речиси дека е невозможно“. И така е. Охрид го снема од мапата во водените спортови, а има се што потребно да биде расадник на спортисти во пливањето, ватерполото…но да биде и центар на сите пливачки возбудувања на Балканот и пошироко.

Сепак, иднината не е така црна, затоа што во 2015 година со изградба стартуваше затворениот пливачки базен. Првите најави беа дека базенот ќе биде готов за 30 месеци, но според последните информации за кои пишуваше OhridNews, базенот треба да биде финиширан до 2021 година.

Михаил Постоловски

 

Изградбата на затворениот пливачки базен во Охрид е до половина, треба да финишира до крајот на 2021 година